Како се вршат проверките за безбедност во станбените згради?
Дали постои и каква е исправноста на хидрантската мрежа, дали хидрантите поседуваат вентили и црева, дали објектите поседуваат противпожарни апарати, дали противпожарните скали се проодни. Вакви прашалници осамнаа на влезовите во зградите низ Скопје. Општините бараат податоци од Куќните совети и Управителите на зградите за да се направи мапирање на противпожарните системи во објектите за колективно домување.
Граѓаните велат, ретко каде има функционален противпожарен систем.
-Ваква хидрантска мрежа треба да има во секоја зграда. Тука конкретно нема црево. Сега Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со општините ќе мора да ги провери сите згради, дали се почитуваат противпожарните стандарди. Но проблемот е што нема унифициран метод на проверка.
Начинот на проверка се разликува од општина до општина. Некаде инспектори сами излегуваат на терен за да ја утврдат фактичката состојба. Општините кои немаат доволни капацитети, тоа го прават преку куќните совети и управителите. Им наложиле тие да направат теренска проверка и податоците да им ги достават на општините.
Првиот човек на ЗЕЛС очекува Заедницата до крајот на неделата да ги добие податоците од сите општини.
-Во наредните неколку дена достави записници до ЗЕЛС од соодветно извршените контроли. На тие записници треба сите релевантни, оние коишто учествувале во процесот на теренските, нагласувам, проверки, да се потпишат и тоа да биде проследено до ЗЕЛС и тоа можеме потоа да ви испратиме во увид на вас, на сите медиуми, вели Ѓорѓиевски.
Меѓутоа, општините кубурат со инспектори. Во меѓувреме, општините кои немаат инспектори се снаоѓаат како знаат и умеат, а тоа главно оди во договор со некоја од соседните општини.
-Она што би значело исполнување на минималните услови за да може секоја општина да постапува е некаде бројка од 40-тина инспектори коишто треба во наредниот период да ги примат општините. Го бајпасираме тој момент. Разговаравме за тоа како колеги, колегијално дека мора да се направат контроли секаде и тука мораме сите да си помогнеме. А во наредниот период ќе се потрудиме да во секоја општина биде вработен инспектор, вели Ѓорѓиевски.
Дирекцијата за заштита и спасување е институцијата која практично ќе го има последниот збор бидејќи хидрантските мрежи се под нивна надлежност. По нивна контрола досега забрана за користење добија повеќе од 20 објекти, од кои еден е државен – Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар