Македонија
20. May 2023 - 16:32

Како да се спречи таблоата да бидат празни - Локалните власти бараат стратегија

Ова е годинешното таблото од средното училиште во Македонски Брод на кое се гледаат само 11 матуранти, на кои им предаваат 22 професори. Жителите на Брод на шега велат дека имаат скапо европско образование, на секој ученик по двајца професори. Но ситуацијата во реалноста е навистина поразителна. Според градоначалникот проблемот не бил само во иселувањето туку и во тоа што средношколците имале бесплатно сместување во интернатите и затоа се одлучувале да учат во Прилеп, Битола и Скопје.

„Државата воведе двојни аршини воведе субвенционирање на децата кои учат надвор од својата општина, но нема никакви мерки за стимулација за децата кои остануваат на територијата на својата општина. Затоа ние како локална самоуправа на Совет изгласавме секој средношколец да добие по 5.000 денари кој ќе се запише во средно училиште во Македонски Брод“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

За да останат децата во Македонски Брод се обидувале и преку дуалните паралелки, но и тоа засега не ги задржува младите во малите средини.

„Исто така воведовме машинска струка во средното училиште, склучивме договор и воспоставивме соработка со фабриката во Самоков, направивме дуална паралелка, така што оспособуваме кадар за таа фабрика, дечињата одат на пракса во таа фабрика и се надеваме дека поголем дел од нив ќе може да останат да работат во таа фабрика“, додаде Ристески.

Истиот проблем како мала Општина го има и Крушево. Бројот на деца во средното гимназиско и угостителско училиште се намалувал, а излезот го гледаат во промена на законот за средно образование каде една паралелка ќе може да има најмногу 30 деца.

„Така што големите училишта во Прилеп би оставиле простор на кандидатите кои нема да бидат примени таму да се вратат во малите места. Дуалното образование го имаме но не се покажа како нешто посебно атрактивно за учениците и единствено доколку локалната успее да овозможи стипендирање за учениците коии ќе гои одберат училиштето во матичното место“, изјави Снежана Миленкоска, директорка на на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ – Крушево.

Дури и тие деца кои сакале да учат угостителство се запишувале во поголемите градови кои биле попривлечни за нив.

„Дури имаме случаи да го одберат угостителството и да заминат во Охрид. Затоа што таму има интернат, таму живеат и на некој начин ги избегнуваат оние земјоделски работи со кои се занимава нивното семејство. Тоа за младиот човек е олеснување“, додаде Миленкоска.

Без сериозна стратегија на државата за овој проблем во малите средини дел од овие училишта можат да останат компелтно без ученици.