Свет
12. July 2019 - 14:02

Југот на Америка се подготвува за хорор: Њу Орлеанс веќе е поплавен, бурата Бери станува ураган и се наближува

Тропска бура која се формирала над Мексиканскиот залив би можела да прерасне во ураган и да удри на Њу Орлеанс кој веќе е поплавен.

Метеоролозите велат дека бурата би можела да прерасне во ураган до крајот на денот, а просечната јачина на ветерот е околу 55 километри на час.

Како што јави Гласот на Америка, според прогнозите во петок и сабота на потегот западен Тексас и Луизијана ќе паднат меѓу 25 и 50 см дожд.

Тропската бура, за која се очекува да стане ураган наречен „Бери“, би можела да удри западно од Њу Орлеанс на реката Мисисипи.

Системот на насипи во тој град се наоѓа пред најголема проба по ураганот „Катрина“, а се верува дека реката Мисисипи ќе го достигне своето највисоко ниво за речиси 70 години - шест метри.

Њу Орлеанс е веќе под вода поради обилните дождови, до 23 см, кои паѓаа во претходните денови. Поплавен е историскиот Француски кварт.

Тексас го подигна степенот на предупредување и подготвува центар за вонредни ситуации.

„Сакаме да бидеме сигурни дека државата Тексас прави се што може за да се подготви за бурата“, рече гувернерот на Тексас Грег Абот.

Превентивно е затворена третина од постројките за преработка на сурова нафта во Мексиканскиот залив, а нафтените платформи се евакуирани.