Македонија
27. јуни 2017 - 16:10

Јавна дебата за предлогот за продолжување на породилното отсуство

Собраниските комисии за еднакви можности на мажите и жените и за труд и социјална политика денеска ја започнаа јавната дебата за предлог Закон за изменување на Законот за работни односи односно за предлогот на продолжување на платено породилно отсуство од девет на 18 месеци.

Заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири во своето обраќање рече дека Македонија има ратификувано конвенција за заштита на мајчинството во 2012 година со Меѓународната организација на вработените во која се предвидува породилното отсуство да биде минимум 14 недели, а со можност да се продолжи до 18 недели.

- Владата како потписник на оваа конвенција е обврзана да ги почитува овие правила.  Дополнително легислативата на одредени земји членки на ЕУ нудат многу пократко време за платено породилно отсуство како што се  Германија и Хрватска каде што трае 14 недели, потоа Словенија 15 недели, Чешка 28 недели, Унгарија и Полска 24 недели, Словачка 34 недели, Австрија 16 недели..., појасни Азири.

Според него, Македонија со постојниот закон е над критериумите и стандардите на ЕУ и поунапредена од останатите земји кои имаат само 3-4 месеци платено породилно отсуство. Азири рече дека доколку се прифати овој предлог ќе се предизвикаат повеќе проблеми меѓу кои ќе се стимулира неактивирање на жените, како и тоа дека ќе има негативни импликации на пазарот на трудот.

Предлог-законското решение за продолжување на породилното отсуство минатата недела беше разгледано и на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Предлогот за измени на Законот за работни односи е поднесен од пратеничките Нола Исмајловска и Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Исмајловска на расправата во Комисијата за труд и социјална политика образложи дека ова законско решение го нудат како поддршка на иницијативата од 210 граѓани, која била отфрлена како неуредна.