Јаневска: До крајот на мандатот услови за едносменска настава во сите училишта и ангажирање на 3000 вишок наставници
Услови за едносменска и целодневна настава ќе бидат овозможени за сите ученици до петто одделение до крајот на мандатот - е планот на министерката за образование и наука Весна Јаневска. Учениците ќе остануваат во училиштата до 16.30 часот, а за нивните дополнителни активности вон редовните часови ќе бидат ангажирани вишокот наставници кои сега работат со само неколку ученици во подрачните училишта.
Министерката Јаневска на прес-конференција по повод 100 дена Влада рече дека се работи за 3000 наставници кои со реорганизирање на работата и со оптимизација на училиштата нема да останат без работа.
Во отчетот за сто дена од работењето на Владата министерката информираше дека во 140 училишта „е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50-ина“.
-Нема капацитети во земјава за одеднаш да се тргне во едносменска и целодневна настава во овој момент. Но, планот е таму каде што има, процесот да започне, а има речиси секаде во внатрешноста на земјата, проблем е Скопје и уште неколку училишта во неколку поголеми градови, рече Јаневска.
За таа цел, со Светска банка се прави анализа во кои училишта може да почне едносменска настава со доградба од една до 15 училници, а во некои општини, како на пример Чаир и Аеродром, ќе биде потребно да се изгради училиште.
-Неопходна е во Македонија едносменска и целодневна настава, прво велев до четврто, сега велам до петто одделение, затоа што е познато дека нашите ученици многу заостануваат зад своите врсници во Европа. Три и пол години како да се поназад, 900 часа помалку до 15 години и се на последните места на ПИСА-тестирањето. Притоа Македонија има 3000 наставници вишок, кои работат во паралелки од девет, 12, 17 ученици, рече Јаневска.
За да се реорганизира нивната работа е потребна оптимизација на училиштата односно четири и пет ученици од подрачни училишта во рурални средини да се префрлат во централните училишта во урбани средини заедно со наставниците. Како што рече, не е добро ни за учениците да посетуваат настава во толку мал број зашто не се социјализираат, немаат со кого да се натпреваруваат и се во затворен круг без да примаат модерни информации.
-Со оглед дека иселувањето е преголемо во Македонија, а резултатите и на оние што ги имаме се минимални, сметам дека овие 3000 наставници можеме да ги искористиме. Не да ги отпуштиме и уште полошо да ни биде образованието, туку да ги искористиме со дополнителен ангажман, ем тие да не останат без работа, ем квалитетот на образованието да се подобри. Наместо од 8 до 11 да бидат во училиште, децата ќе бидат од 8 до 16.30 часот и овие наставници кои работеле со пет до седум деца, сега ќе работат во нормална паралелка од 20 до 30 деца, со многу други часови освен оние што се во обврзниот курикулум – воннаставни активности, општествено корисна работа, изборни предмети, вештини и техничко образование за децата да стекнат повеќе знаења. И сето тоа ќе им се брои како час, но мора да го одржат. Нема во 11 да отидат дома туку ќе работат со децата, рече Јаневска.
Нагласи дека државата ќе мора да создаде услови за едносменска и целодневна настава зашто, рече, секаде во светот така се работи и мора да има приспособување ако сакаме успех и квалитетно образование.
Ново на Сител
-
Анкета на МКД.мк - убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски
-
Заврши санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје, во следните три часа се очекува нормализирање на состојбата
-
„ЕУ Обсервер“: Одложувањето на проширувањето на ЕУ ја зголемува економската нееднаквост на Балканот
-
Хутер победи на женскиот супервелеслалом во Сент Мориц
-
Возило удрило две жени во Штип
-
Минута молк на натпреварите во Германија
-
Вучиќ: Младите од 20 до 35 години, дури и невработените, ќе можат да земат станбен кредит
-
Инспектор нападнал началник во просториите на полицијата во Радовиш