Јанев: Коруптивните дејствија во полицијата и институциите ќе се пријавуваат онлајн
Корупцијата во полицијата, но и во институциите ќе се решава преку дигитализација- ако нема на кого да дадеш поткуп, нема ни да постои корупција. МВР и БЈБ работат на веб страница, каде што полициски службеници ќе можат јавно или анонимно да пријавуваат коруптивни дејствија во министерството, полициските станици, но и за началници и моќници. Граѓаните пак ќе може да прикачуваат фотографии и да пишуваат пријави за коруптивни дејствија на кои сведочеле.
Бидејќи постои можност да има секакви пријави, полицијата ќе ги селектира. Доколку некоја пријава не е во надлежност на МВР, тие ќе бидат распоредени до други соодветни институции.
Целта на кампањата, според експертката за антикорупција и перење пари, Мојца Кузмички е граѓаните да не се плашат и да се охрабрат да пријавуваат корупција.
Преку дигитализацијата на граничните премини, според директорот на БЈБ, полицијата веќе бележи конкретни резултати. Фатени се лица за кои со години се трагало, некои од нив барани и со меѓународна потерница. Дигитализираните системи за автоматска проверка на документи, според податоците на МВР, овозможиле побрза идентификација на осомничени и бегалци кои со класичните методи лесно поминувале незабележано.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар