Влада: ДУИ кога е на власт работи на еден начин, а во опозиција бара нешто друго за она што го направиле во минатото
ДУИ кога е на власт работи на еден начин, а во опозиција бара нешто друго за она што самите го направиле во минатото. Вака реагираат од Владата откако вчера во ДИК не беше донесено упатството согласно одлуката на Владата од септемри лани со која беше намален бројот на советници во 14 општини според резултатите од пописот од 2021 –ва.
- Владата носи одлука врз основа на веќе постоечки попис од 2021 година, направен во време кога во влада беа СДСМ и ДУИ. Токму политичката партија сега оспорува резултати за кои во минатото велеше дека се навистина соодветни и дека ја одразуваат реалната слика. Ние мораме да носиме одлуки врз основа на параметрите што ги имаме и цениме дека како Влада сме постапиле онака како што треба, рече Марија Митева, портпарол на Владата
Претходно заради бадентерово мнозинство во Собранието не се донесоа измените на изборниот законик зошто ДУИ гласаа против.
Според Премиерот Мицкоски интегративците прават трикови зошто не можат да се навикнат да бидат во опозиција.
- ДУИ после 20 години е во опозиција и оти е очигледно дека во рамки на нивната структура имаат големи проблеми и се обидуваат со одредени трикови да прават притисок да бидат повторно во Владата. Мислам дека јасен е победеникот на овие локални избори, а тоа е владиното мнозинство, така што ние продолжуваме по патеката на реформи, испорака за граѓаните, чесна, напорна, посветена работа, рече Христијан Мицкоски, Премиер.
Премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе ги објават имињата на сите кандидати за градоначалници вклучително и за Кочани и околните општини. Тој негираше дека кандидатите ќе бидат од коалициските партии.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар