Македонија
5. October 2016 - 8:38

Изложба на четворица српски уметници во МАНУ

Во Изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите вечер од 19 часот ќе биде отворена изложба насловена „Европски контексти“ со дела на четворица српски уметници - Петар Добровиќ, Сава Шумановиќ, Милан Коњовиќ и Богдан Шупут.

Сите четворица се школувале во Париз - центарот на современите уметнички тенденции, а потоа се вратиле во татковината, така што нивното творештво упатува на европски контексти на српската модерна уметност.

Изложбата е замислена како можен поглед на некои од идеите кои биле негувани во сликарството во првата половина на 20 век - идеи поттикнати во Европа, но докрај спроведени и обликувани со локален, домашен, српски пристап. 

МАНУ ја организира изложбата во соработка со Галеријата на Матица српска, Српската академија на науките и уметностите и Амбасадата на Република Србија во Република Македонија.