Изложба на 90-ина дела од Вангел Наумовски во Даут-пашин амам

Националната галерија на Македонија вечер во Даут-пашин амам ќе отвори ретроспективната изложба на Вангел Наумовски, на која ќе бидат претставени речиси 90 дела од сите негови творечки фази. Најголем дел од делата се во сопственост на семејството Наумовски од Охрид, а дел првпат ќе бидат презентирани во изложбен простор.
Делата што ќе бидат на изложбата се отстапени од приватни лица и од установи, како Собранието на Република Македонија, Народна банка на РМ, Град Скопје, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и Завод и Музеј од Охрид, како и од музеи за наивна уметност од Загреб и од Јагодина.
- Голем број институции и приватни лица отстапија работен материјал за оваа изложба, фотографии за монографското издание и овозможија увид во творештвото на Наумовски, соопшти НГМ за изложбата која ќе може да се посети до 28 февруари 2017 година.
Во монографското издание за Наумовски се наведува дека тој претставува одраз на невообичаеното и е оригинален творец кој извршил среќен спој помеѓу наивноста и апстракцијата.
- Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети - тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта... Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи. Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него, пишува во предговорот на монографијата.
Ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2016 година, согласно со мисијата за репрезентативното одбележување на уметниците што се застапени во постојаната поставка и во колекцијата на македонската ликовна уметност на оваа национална установа. Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија и значителен број дела што се наоѓаат на просторите на поранешна Југославија.
Вангел Наумовски (Скребатно, Охридско, 1924 - Охрид, 2006) иако самоук сликар, се вбројува меѓу малиот број уметници кои достигнале најголема афирмација и надвор од Македонија. Бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, имал повеќе самостојни и групни изложби.
Ново на Сител
-

Вучиќ поднесе оставка, пред крај помилува 49 лица поврзани со протестите
-

Протест во Скопје за поддршка на поранешните команданти на ОВК
-

Тема на денот со Неда Малеска Сачмароска, директорка на ЦУП
-

Заливот на коските и Самоиловата тврдина најпосетени локалитети
-

Средновековната кула на Беласица ќе стане дел од туристичката понуда на Ново Село
-

Филмот „Македонецот“ потсетник на прогонството и заборавените траги на историјата
-

Делчево очекува деблокада на општинската сметка
-

Протести во Скопје за поддршка на осудените водачи на ОВК
