Изјавата на Кешишев нема да го смени обвинението - Има цврсти докази дека Палчо ги убил Вања и Панче
Обвинетиот кој ја однесе полицијата до местото каде е закопана Вања, откако минатата недела го амнестираше Палчо, денеска рече дека токму од него бил принуден да напише таква изјава. Му ја дал додека се возеле во исто затворско комбе и требало само да ја препише. Рече, од страв прифатил да напише дека Палчо не бил вмешан во двете убиства.
„Тоа не е моја изјава, ми беше дадена од Палчо при транспрот во комбе да ја напишам со мој ракопис. Сами седевме назад во комбето“, рече во судницата Влатко Кешишев.
Од затворот во Шутка велат дека за распоредот по кој обвинетите се транспортираат до судот и назад до затворот, надлежен бил судијата. Од денеска, секој патувал сам.. Првиот човек на истражнииот затвор пак вели дека немало предавање на писмо за време на транспортот.
„Разговарав со полициските службеници кои ги спроведувале двајцата обвинети, Палевски и Кешишев, од судот до затворот и од нивна страна ми е кажано дека предавање на писмо немало. Протоколот на транспорт е таков, позади во возилото да има полициски службеник со обвинетите или да има вклучена камера во текот на транспортот“, вели за Сител директорот Бобан Утковски.
Одбраната пак смета дека, обвинителството треба да истражи како во полициско комбе Палчо успеал да му даде лист хартија на Кешишев.
Од обвинителството велат дека изјавата не Кешишев не може да го смени текот на судењето. Освен искази од сведоците, ќе презентирале и цврсти материјалните докази.
Вработен во системот „Безбеден град“ на денешното судење, рече дека по барање на полицијата доцна вечерта на денот кога била грабната Вања, ги пребарувале двете возила кои подоцна се поврзани со убиствата на девојчето и пензионерот. Во едно од нив, се гледала силуета за која сведокот рече дека личи на Палевски.
„Камерите што го снимиле „цитроенот“ се постари и немаат добар квалитет. „Реното“, во 9:40 часот после палењето на „цитроенот“ е снимено кај општина Бутел и Веро во Чаир. На таа камера се појавуаат две силуети, возач и совозач. Личеше на осомничениот, не сум сигурен. На другите камери не се забележуваат лицата на луѓето“, кажа сведокот.
За Цитроенот рече дека на денот кога била грабната Вања, камерите го регистрирале од местото каде живеело девојчето, продолжил кон булеварот Партизанска и улиците Рузвелтова и Орце Николов.
Камерите на Качанички пат Тој ден не работеле.. Реното само се вратило преку Бутел и застанало во седиштето на „Десна“..
Во судницата сведочеа и полицајци кои до Велес го носеле Велибор Манев. Се движеле по негови насоки се до дупката во која било телото на Жежовски.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар