Иванов во Ѓаково одаде почит на Јосип Јурај Штросмаер
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска, во рамки на официјалниот престој на Хрватска, ја посети Општината Ѓаково, каде положи цвеќе на гробот на Јосип Јурај Штросмаер по повод 200-годишнината од неговото раѓање и 110 години од неговата смрт.
- Денеска во Ѓаково му оддаваме чест на големиот пријател и поддржувач на Македонците кои тогаш оставиле свои дела. Во Ѓаково е сочуван трезорот на македонската поезија, литература и култура бидејќи овде е отпечатен Зборникот на браќата Миладиновци. Македонците се вечно благодарни што со помошта на Штросмаер е сочувано нашето творештво, рече Иванов.
Штросмаер е еден од првите свештеници во Католичката црква кои го ревитализираа делото на солунските браќа Кирил и Методиј, финансирајќи го печатењето на Зборникот на Миладиновци пред 154 години.
Надбискупот Ѓаковачки и осјечки Ѓуро Храниќ на средбата со претседателот Иванов истакна дека Штросмаер од Виена го води со себе Константин Миладинов во Ѓаково, каде три месеци ги препишувал песните на кирилица и потоа заминал со него во Загреб каде што тие песни биле испечатени.
Претседателот Иванов имаше средба со градоначалникот на Ѓаково Зоран Винковиќ, се сретна и со претставници на локалната македонска заедница и присуствуваше на културно - уметничка програма на македонското КУД „Браќа Миладиновци“ од Хрватска во Катедралата во Ѓаково. Во чест на македонската делегација пејачката група „Вардарки“ отпеаја повеќе традиционални македонски песни.
Со посетата на Ѓаково шефот на македонската држава ја завршува дводневната официјална посета на Хрватска. Вчера во Загреб оствари средби со претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и со претседателот на хрватскиот Сабор, Јосип Леко.
Ова беше трета официјална посета на претседателот Иванов на Хрватска.
Ново на Сител
-
Марш на ангелите во Кочани - болката се претвори во крик на очај
-
Тема на денот со Ана Ангелова Валпони, професор на Кингс Колеџ - Лондон
-
Марш на ангелите во Кочани
-
Истрага за оружјето со кое биле убиени Вања и Панче
-
Првата група повредени се смести во центарот за рехабилитација на Пониква
-
Растење на природен заб во лабораторија - научен подвиг со македонски потпис
-
Костадин Костадинов очекува поддршка за нов мандат во Струмица, тврди дека на сите анкети води со 3:1
-
21 јуни денот на Охридското езеро