Македонија
1. March 2017 - 18:22

Иванов: Платформата ги загрозува унитарноста и сувереноста на Македонија

Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, суверенитет и независност се загрозени, рече Претседателот Ѓорѓе Иванов во денешното обраќање од Вила Водно.
 
– Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за пост-изборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија. Македонските граѓани на изборите гласаа за партиски програми, а не за постизборна платформа на туѓа држава, посочи Иванов.
 
Ова, додаде тој, се сериозни моменти од историјата на Република Македонија.
 
– Секој еден од нас мора најодговорно да се однесува, затоа што секоја погрешна одлука може да има несогледливи катастрофални последици за иднината на државата, рече Иванов.