Иванов: Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во денешната изјава за медиумите изразува задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември, нагласувајќи дека не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните.
- Пред сè им честитам на граѓаните што покажаа одговорност и излегоа во масовен број да го остварат своето право на глас. Годинава, кога одбележуваме 25 години од нашата независност, покажавме демократска зрелост и го потврдивме нашиот капацитет за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори, вели Иванов.
Тој им честита на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори - на победниците, како и на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес.
- Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи, истакнува претседателот Иванов.
Посочува дека релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава.
- Им честитам на сите институции кои одговорно ја завршија својата работа и овозможија регуларност и кредибилитет на изборите, додава претседателот.
Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, како што вели Иванов ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, како што вели, очекува во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.
- Со овие избори Република Македонија исполни еден од клучните услови на кои се обврзаа лидерите со Пржинскиот договор. Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската унија да покаже доследност и принципиелност кон нас, вели Иванов.
Тој ја повика Европската унија да изнајде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат.
- Како што сметав дека Република Македонија има капацитет да ги одржи овие значајни избори онака како што поминаа, верувам дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Република Македонија, истакнува во изјавата претседателот Иванов.
Ново на Сител
-
Утрово најстудено во Берово, измерени -6 степени
-
Во вооружен напад во бар во Мексико 10 убиени и седум повредени лица
-
Претерување со шеќер и сол е штетно по здравјето
-
Стојановски освои сребро на Европското првенство во таеквондо за кадети
-
Македонските ракометари и гостуваат на Литванија
-
Путин го потпиша законот за взаемна одбрана со Северна Кореја во случај на воен напад
-
Трамп: Хејли и Помпео нема да бидат дел од новата администрација
-
Состојба на патиштата