Истражување: Средношколците потврдуваат постоење врсничко насилство, нема механизам за превенција

Вербалното е најчест облик на врсничко насилство во училиштата, а по него следуваат насилството преку социјалните мрежи и физичкото насилство. Речиси сите пријави за насилство завршуваат во училиштата зашто недостига меѓусекторска координација за да може да се превенира.
Ова го покажува истражувањето на Коалицијата на младински организации СЕГА спроведено во мај годинава во 15 средни училишта во осум општини: Битола, Кичево, Прилеп, Штип, Струга, Струмица, Кавадарци и Охрид. Со анонимен прашалник биле интервјуирани речиси 1.500 средношколци од 14 до 18-годишна возраст, како и 30-ина наставници или стручен кадар (психолози и педагози), а Коалицијата СЕГА денеска ги презентираше резултатите.
– Истражувањето покажа дека 70 проценти од вкупниот број испитаници изјавиле дека постои насилство и тоа е фрапантен податок, 15 отсто изјавиле дека биле жртви на насилство од врсници. Половина од вкупниот број испитаници кажале дека насилството подеднакво постои и кај машките и кај женските. Насилството реално постои и се случува, а од аспект на интервенција затајуваат внатрешните процедури. Учениците не знаат што да направат, недостигаат информации каде треба да се пријави, а 55 отсто велат дека би пријавиле. Има и ученици кои немаат храброст и се плашат да пријават, изјави Зоран Илиески, извршен директор на СЕГА.
Со истражувањето не е опфатен главниот град. Скопје, рече тој, е намерно избегнат затоа што ги интересирало што се случува во средните училишта во внатрешноста.
Авторката на анализата Марија Нашоковска посочи дека со истражувањето се обиделе да ги дознаат перцепциите на учениците, од една страна како сведоци на насилство во училиштата, а од друга страна како насилници или како жртви.
Под вербално насилство, кое е најзастапено според истражувањето, се подразбира озборување, исмејување, навредување во континуитет… Нашоковска смета дека несериозен е пристапот за разрешување на овој тип насилство, за кое децата-жртви прво се обраќаат кај своите родители.
– За превенција на врсничко насилство нема посебен механизам, туку важат истите механизми како за нарушување на куќниот ред во училиштето. Најмногу се користат писмена опомена од класен раководител и намалено поведение. Учениците, а и наставниците, го сфаќаат вербалното насилство како обична детска расправија. Но, ако тоа не се решава и ако не се интервенира во моментот, понатаму може да стигне во пострашни форми на насилство, дури и до физичко насилство, рече Нашоковска.
Истражувањето дава препораки на две нивоа – да се работи директно со родителите зашто тоа ќе ја засили превенцијата, а кај наставниот кадар да се развијат вештини за примена на наставни програми и содржини за мирно решавање конфликти.
Ново на Сител
-

Трамп: Европа не е тоа што беше порано, да не бевме ние во Данска ќе се зборуваше германски и јапонски
-

Стојаноски: Со новиот Кривичен законик секој во државава ќе мора да ги почитува законите, а правдата ќе важи за сите
-

Сите државни патишта проодни и безбедни за сообраќај, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
-

Трамп со јасна порака во Давос: САД нема да употребат сила за да го преземат Гренланд
-

Тошковски: Во тест периодот на „Безбеден град“ девет жртви помалку од истиот период лани
-

Управниот одбор на АД ЕСМ именува времени координатори во РЕК Битола и РЕК Осломеј
-

Николоски: Апелирам до ЕУ, македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во Шенген зоната за да не трпиме економски штети
-

Собранието донесе неколку закони во рамките на 81. пленарна седница
