Свет
15. December 2015 - 11:40

Истражување: Шефовите на државите побрзо стареат, живеат до три години помалку

Претседателите на државите можеби имаат големи привилегии за време на извршувањето на нивните функции, но плаќаат и повисока цена: побрзо стареат, а стресот на работното место може да им го скрати животот и до три години, се заклучоци од новото истражување, објавено денеска во Британскиот медицински журнал.

Лекарите анализирале колку долго живееле претседателите и премиерите во 17 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Канада, Франција, Германија и САД по истекот на мандатот, а во споредба со кандидатите, кои загубиле на изборите.

Истражувачите исто така споредувале колкав е животниот век на шефовите на државите наспроти животните очекувања за луѓето на иста возраст и пол. 

Во истражувањето се набљудувани животите на 279 претседатели и 261 кандидат, кој не победил, при што е заклучено дека поранешните претседатели живеат речиси три години помалку од очекуваното. 

- Лидерите веројатно чувствуваат дека националните приоритети се поважни од правилната исхрана и вежбањето, изјави еден од авторите на студијата, доктор Анупам Џена од Медицинската школа на Универзитетот Харвард.