Македонија
1. May 2025 - 16:31

Истрагата за пожарот во Кочани мора да заврши до средината на јуни

Истрагата за пожарот во Кочани, мора да заврши до средината на идниот месец. Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, во интервју за Алсат М, вели дека, засега се истражува кривичното дело, „тешки дела против општата сигурност“, но, дури по завршување на истрагата, точно ќе се знае за што ќе одговараат осомничените.

„Се работи за многу тежок и комплексен случај каде што имаме многу жртви, 62, со тоа што законот дозволува истрагата да трае 90 дена. Истрагата е почната на 16-17 март и треба да се заврши до некаде истиот термин после три месеци, односно до 16-17 јуни“ изјави Љупчо Коцевски, Државен јавен обвинител.

„Цениме дека, и тимот на јавни обвинители, причинско-последичната врска, односно последицата е смрт. Меѓутоа, токму да се најде тој каузалитет и тие пропусти што довеле до ова. Пропусти имало секоја година, односно секој период“ , додаде Љупчо Коцевски, Државен јавен обвинител.

Коцевски појаснува дека се уште се прибираат докази и се сослушуваат сведоци, па не ја исклучува можноста за проширување на истрагата и со нови лица кои може да бидат осомничени, а потоа и обвинети.

Засега, со истражната постапка на кочанското јавно обвинителство се опфатени 45 лица. 19 мина од нив се во притвор, 13 во куќен, 12 со мерки на претпазливост, а еден е на лекување.

Осомничени се поранешни министри за економија, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пазарниот инспекторат, вработени во локалната самоуправа на Кочани, сопствениците на дискотеката и фирмата за обезбедување.

Во друга постапка истрага води и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со своето полициско одделение. 14 полициски службеници од Штип и Кочани се осомничени дека не спровеле проверка дали дискотеката ги исполнувала условите за безбедност во сообраќајот и јавниот ред и мир.