Свет
21. November 2015 - 14:51

Исламска држава ја мрази и блискоисточната цивилизација

Гардијан - Лондон

Атентатите во Париз се сметаат како напад врз вредностите на Западот. Всушност, надежите и вредностите кон кои се стремиме се глобални

Кога стана јасно дека одговорноста за ужасните убиства во Париз се на таканаречената Исламска држава, видни личности се обидоа случувањата да ги стават во некаков контекст. Џеб Буш, кандидат за претседателската номинација од Републиканската партија во САД, го нарече тоа „организиран обид за уништување на западната цивилизација“. Руперт Мардок на Твитер напиша: „Насилствата во Париз не се напади врз целото човештво, туку се напади против нас, западната цивилизација“. Коментаторот Иан Мартин ги гледа нештата на следниов начин: „Западната цивилизација – демократијата, слободата на говорот, слободата на здружување, владеењето на законите, просперитет - се нападнати од варвари“.

Цивилизацијата со сигурност била во фокусот на терористите. Тие посеаја хаос и убиства во град познат по својата култура, микс на влијанија и слобода на изразување. Доколку тие за цел земеа некоја од големите европски престолнини, тоа ќе биде посегање по европските вредности – на начинот на кој нашите граѓани избираат да живеат и да се придржуваат. Но, погрешно е да ги поставиме овие ѕверства во рамката на напади единствено против „западните вредности“.

Етимологијата често пати заведува. Но во овој случај мислам дека таа е поучна. Зборот цивилизација произлегува од латинскиот „цивис“, што значи „граѓанин“, а самиот тој доаѓа од претходна форма која значи „да се воспостави, да одлежи“. Соодветен арапски збор е „маданија“, кој доаѓа од „мадана“ и значи „да градиш градови“. Велиме дека „се враќаме во цивилизација“ кога се враќаме во град од провинција. Цивилизацијата е да живееме заедно, луѓето да ги обединуваат ресурсите, да делат еден ист простор. Градовите функционираат најдобро кога луѓето се слободнии да се движат непречено, да работат и да играат, да учат и да бидат забавувани.

Исламска држава го претставува точно обратното. Во средиштето на нејзината власт, нормалниот живот е забеган – и постои само еден исправен начин како нештата да се поправат. Религиозните малцинства се убивани или се принудувани да ја сменат религијата. Насекаде владее само страв и никакви задоволства. Тоа се воени бази, а не градови во вообичаената смисла. Таа ситуација е изопаченост на блискоисточната цивилизација, исто онолку колку и на западната. Истанбул, Каиро, Александрија, Бејрут, Багдад и Ерусалим, се историски архетипи на слободни градови – места на кои раси, култури и религии живееел заедно со векови. Во некои од нив и покрај многуте брутални случувања во 20-иот век, тој карактер се зачувал. Би било многу погрешно да прифатиме дека блискоисточната култура – и исламот, во најдобар случај, се непријатели на градскиот живот.

Сето тоа е особено важно во ситуација кога начинот на кој се осмислени нападите во Париз ќе влијаат на нашата реакција. Постојат реални проблеми во претставата за ИД главно како за непријател на западната цивилизација.

На прво место, тоа ги омаловажува страдањата на луѓето на Блискиот исток кои им ги причинува организацијата. Минатиот четврток, на пример, 43 лица воглавно од шиитскиот дел на Бејрут, беа убиени од атентатори самоубијци од ИД. Иако тој град е доста понавикнат на насилствата во споредба со Париз, тој чин останува посегање против нормалниот, цивилизиран живот. Најдиректни опоненти на воинствените џихадисти се луѓето меѓу кои тие живеат – муслиманите, христијаните, алавитите и језидите во Ирак и Сирија. Тие можеби со години наназад биле лишувани од предностите на цивилизацијата – безбедност, слобода на здружување и на религија, при диктатури, окупации, граѓански војни и ИД. Но тие продолжуваат да копнеат за живот токму со тие предности.

На второ место, таа претстава го искривува впечатокот да умееме да ги распознаваме нашите правилни сојузници. Постои голем ризик со и катран и со четката на екстремизмот да го измачкаме целиот Блиски исток - иако насилната идеологија на ИД е типична за регионот и животот во него продожува во совршено различен тек од нашиот. Тука, на запад, тоа за последица може да има луѓето од арапско или муслиманско потекло да бидат обвинувани или малтретирани.

Посебно ако ја гледаме цивилизацијата како споделена, глобална вредност, онаква каква што таа возникнала на независен начин на многу различни места, па може и да ни стане јасно што е тоа што ја задушува. ИД ја задушува, а во различен степен тоа го прави и државниот пуританизам во Саудиска Арабија, бруталноста на Асад во Сирија, авторитаризмот на Сиси во Египет, и ограничувањата на личната слобода во Иран. Но постои ли некаков неопределен антицивилизациски аспект во антиблискоисточниот начин на мислење? Не.

Ќе се водат жестоки дебати за тоа како да реагираме на овие предизвици. Некои добронамерни дејствија несомнено ќе ги влошат нештата. Но нека биде јасно едно – ИД ја мрази цивилизацијата секаде каде што ја гледа, а не само на запад.