Свет
31. December 2017 - 15:08

Иран забранува пристап до социјалните мрежи, министерот Фазли вели дека ќе ги запре протестите

Иранските медиуми јавуваат дека е ограничен пристапот до некои од социјалните мрежи, како и до апликацијата за комуницирање Телеграм. Ова се случува во четвртиот ден од протестите, во кои најмалку три лица беа убиени, а десетици беа ранети.

Иранските власти велат дека организаторите на протестите ги користат социјалните мрежи и интернетот за комуницирање и координирање. Иранскиот министер за внатрешни работи Абдулреза Рахмани Фазли денеска изјави дека полицијата нема да им дозволи на демонстрантите да продолжат со протестите.

- Не е прифатливо проблемите да се решаваат со насилство и со терор. Не можеме и нема да го дозволиме тоа, изјави Фазли, додавајќи дека веќе не се работи за протести туку за бунт против народот.

Се смета дека протестите првично избија поради поскапувањето на храната и другите основни продукти, но набргу добија карактер на анти-владини демонстранции. Новинската агенција ДПА јавува дека најмалку 80 демонстранти досега биле уапсени, а некои од нив се однесени во затворот Евин во главниот град Техеран, каде денеска се собираат роднини на уапсените.

Локалните медиуми јавуваат дека во градот Доруд, во областа Лорестан, денеска имало нови инциденти со убиени демонстранти, но полицијата потенцираше дека не била вмешана во инцидентите. Во некои од иранските градови доаѓа до судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на ајатолахот Хамнеи и претседателот Хасан Рухани.