Македонија
3. December 2025 - 16:47

ИПАРД фондовите во фокус на партиските обвинувања и злоупотреби

Партиските штабови на власта и опозицијата со нова серија на обвинувања за сторен криминал. Владејачката ВМРО ДПМНЕ обвинува дека во време на владеењето на СДСМ се склучувале договори во 4 очи во корист на експремиерот Заев и тогашниот министер за земјоделство Николовски.

За СДСМ ова е уште една лага од долго готвена ИПАРД каша од кујната на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Во форма на рецепт прават анализа како власта ги готвела лагите – Заев , некој од неговото семејство и поранешни министри се главните состојки. Преку повеќегодишно „динстање“ на лаги за злоупотреби, освен Заев се додава и Филипче. Како тајна состојка на рецептот се ИПАРД фондовите.

Сега е важно многу да мешате, секојдневно и долго, за да не изгори. Многу лаги има тука, може дното да се фати. Гответе го ова на тивок оган додека не се приближат изборите. Потоа засилете на максимум. Многу е важно да мешате многу и долго, додека на граѓаните не им се заврти во глава. Кога сивата маса ќе стане каша, немојте да престанете, продолжете повторно силно.
Ваквата реакција за власта не е ниту смешна ниту интересна за народот кој е ограбен и злоупотребен во време на владеењето на СДСМ, за кои велат дека одговорност ќе има.

Убедени сме дека оваа реакција или ја пишувал лично Зоран Заев или некој кој им е на платен список и сака да им испадне интересен и се адаптира на нивниот систем на вредности и хумор кој е разбирлив за одредена категорија на луѓе. 

Опозициската СДСМ со контра обвинувања. И тие го повикаа јавното обвинителство да постапи по информациите кои ги објавија од Бихаќка за милионскиот тендер доделен на фирма со двајца вработени.

И СДСМ и ВМРО ДПМНЕ го повикаа јавното обвинителство да постапи по допрен глас и да ги провери обвинувањата за сторени злоупотреби.