Бизнис
7. December 2023 - 17:02

Инфлацијата забавува, замрзнатите цени може да важат и по Нова година

Инфлацијата забавува, објави статистиката. Во ноември измери дека трошоците за живот се зголемиле за 3,1%. Претходниот месец изнесуваа 3,5, а во септември 6,6 отсто.

Најголем пад на цените има кај храната, односно маслата и мастите, кои поевтиниле за 24% во споредба со истиот период лани, а по пониски цени се продаваат и млекото, сирењето, јајцата и лебот.

Овошјето пак се продава за над 13% поскапо, зеленчукот 5%. Алкохолните пијалоци и тутунот за една година поскапеле над 10%.

Бројките за пад на инфлцијата, според власта се должат на замрзнатите цени. Затоа не се исклучува мерката да трае и по Нова година.

- Во случај одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе ја продолжиме, туку и ќе ги зајакнеме инспекциските капацитети. Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Помошта за превоз за студентите и средношколците, опфатени со 9 пакет антикризни мерки ќе почне да им се исплаќа од средината на декември, вели министерот за образование. Податоците за учениците ги имаат, но ќе треба да се проверува дали ги исполнуваат условите. 

Владата дополнително ќе ги помага студентите чии родители се со пониски примања со ваучери за зимување или летување. Се очекува да бидат опфатени 3 000 или 4 000 студенти, кои би добиле по 300 или 400 евра. Сепак, се ќе зависи од ставот на самите студенти – дали ќе сакаат помала сума за да се опфатат повеќе студенти или ќе остане на првичниот план. Ќе се знае наредната недела, кога треба писмено да се изјаснат.

За оваа намена издвоени се нешто над 1 милион евра, а ваучерите, кои ќе можат да ги искористат цела година, би ги добиле во јануари.