Македонија
30. January 2017 - 12:32

Индустриското производство лани со раст од 3,5 проценти

Индустриското производство во минатата година забележа раст од 3,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, индустриското производство бележи раст од 3,4 проценти во декември минатата година во споредба со декември претходната година. 

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, бележи опаѓање од 1,3 проценти, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 2,1 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 13,6 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на поголемото производство во следните оддели: производство на пијалаци, производство на тутунски производи, производство на облека, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на други неметални минерали, производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 8 отсто, Капитални производи за 2,4 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 18,9 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,9  отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5,4 отсто.