Илина Арсовска од Куманово со бронза на престижен натпревар по математика
Четиринаесетгодишната Илина Арсовска, деветто одделение од кумановското основно училиште „Кочо Рацин“, освои бронзен медал во категоријата јуниори на Меморијалниот натпревар по математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Натпреварот има олимписки карактер, а право на учество имаат само поканетите ученици од Сојузот на математичари во државава.
Таа е прво девојче од Куманово со ваков успех во државата. Досега освоила две сребра и една бронза. Со освоените поени се пласирала и на Европската женска математичка олимпијада, но поради возраста, засега не може да учествува.
Успехот не се постигнува преку ноќ, раскажува Илина, која уште од почетокот на образованието покажува љубов кон математиката. Детално како вистински математичар, со бројки и датуми ги презентира успесите што ги освоила во изминатиов период. Во рацете држи мноштво дипломи, многу повеќе отколку што може да се очекува за нејзина возраст.
– Натпреварите почнуваат со општински, па следуваат регионалните, државни натпревари. Првонаградените од државниот се пласираат на Јуниорската македонска математичка олимпијада каде се решаваат задачи од седмо, осмо, деветто одделение и од прва година. Се решаваат исти задачи. Овој пат бевме 13 ученици кои одат на меморијалниот натпревар каде, пак, се решаваат задачи на повисоко ниво од олимпијадата, која се одржа во декември, вели ученичката Арсовска.
Таа работи упорно и несомнено постигнува резултати. Нејзината професорка и ментор Марина Величковска вели дека го забележала успехот во шесто одделение. На часовите ги решава задачите на свој начин, поинаков од оној што се бара. Иновативна е и исполнителна.
– На последниот натпревар има шест задачи кои се решаваат два дена по четири и пол часа. Задачите се тешки и сложени. Горда сум на нејзиниот успех. Амбициозна е, вредна и упорна, вели професорката.
Според неа, ученичката има свои методи, начин на решавање на задачите.
– Воодушевена сум од начинот кој го избра да дојде до точниот резултат, вели професорката Величковска.
Пред натпреварот работат повеќе часови, најчесто во медијатеката на школото. Илина дополнува дека дводневните натпревари на олимпијадата се предизвик.
– Решив една наменета за сениори, таа беше потешка за решавање. Задачата комбинаторика наменета за јуниори ми беше најлесна за решавање, вели Илина.
Илина секоја година посетува есенска математичка школа што ја организира Сојузот на математичари, што значително ѝ помогнало за учеството на натпреварите. Таа од четврто одделение се натпреварува по математика.
– Многу се радував на часовите по математика, ми беше интересно, раскажува Илина.
Дарбата е само почеток и потребно е да се вежба и надградува знаењето, смета Илина, која им помага на соучениците на кои математиката не им е баш омилен предмет.
Арсовска учествувала и на натпревар по физика, ги поминала сите чекори и стигнала до олимпијадата по природни науки каде се натпреварувала и решавала комбинирани задачи од физика, хемија и биологија. На државен натпревар по физика лани освоила прво место.
Таа е сестран ученик, пишува проза, чита и освојува награди и по македонски јазик и литература, вози велосипед и учествува на натпревари. Креирала и дигитално видео и освоила прво место.
На прашањето дали има време за дружба, Илина вели дека излегува со пријателките, особено за време на викендите, спортува и слуша музика.
И годинава поради извонредните успеси е пријавена за натпревар по математика и се надева дека ќе се пласира на олимпијадата. Освен за математика, Илина е пријавена и за натпревари по физика, биологија и програмирање. Таа ќе го продолжи образованието во кумановската гимназија „Гоце Делчев“ на математичка насока.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Европскиот фронт ќе оди со заеднички листи
-
Се планира довршување на заградите во капмпусот на УКИМ
-
20 години агенција за радијациона сигурност
-
Преглед на вестите од светот
-
Tема на денот со Владимир Божиновски
-
Средба Мицкоски-Таравари за иднината на Алијанса во Владата
-
Средба Мицкоски-Таравари за иднината на Алијанса во Владата