Македонија
28. October 2019 - 15:14

Игор Јанушев: Граѓаните не гледаат и не очекуваат никакви решенија од Зоран Заев

Граѓаните се гневни и разочарани од оваа власт. Граѓаните едвај чекаат оваа расипничка и ненародна власт да замине за да си ја вратат државата и за да почне да се решаваат нивните маки. Активностите во рамки на „Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните не гледаат и не очекуваат никакви решенија од Зоран Заев.

Над 40.000 граѓани разочарани од криминалот, корупцијата и неспособноста на владата на Заев, се обратија во рамките на акцијата посочувајќи ги проблемите, но и нудејќи идеи и проекти. Огромното мнозинство од граѓани бараат обнова на Македонија.

Тие не сакаат да гледаат како Македонија под власт на Заев се уназадува и тоне во бесперспективност на секое поле. Граѓаните знаат дека ветувањата на Заев се обични лаги. Најавените реформи се претворија во милионски тендери за семејните фирми, а подобриот стандард на обичниот човек се претвори во торби Луј Витон за кои сеуште се крие каде завршуваа.

Оттука, а охрабрени од големата поддршка на акцијата „Разговори за обнова на Македонија“, ве известуваме дека ВМРО-ДПМНЕ од денес упатува јавен повик за учество во изработката на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори до сите невладини организации, здруженија на граѓани, синдикати, стопански и останати комори, и останати заинтересирани субјекти да се вклучат во нејзината изработка.

Сите заинтересирани своите проблеми, согледувања, предлози, идеи ги повикуваме да ги достават на е-маил адресата obnovanamakedonija@vmro-dpmne.org.mk најдоцна до 30.11.2019 година. Испратените материјали ќе бидат разгледани од страна на тимот на ВМРО-ДПМНЕ кој работи на изготвување на програмата, предводен од проф. Д-р Трајко Славевски.

По што ќе стапиме во контакт со сите заинтересирани субјекти и ќе договориме средби и начин за понатамошна соработка.

Очекуваме оваа нова алатка на комуникација да даде нов и квалитативен придонес во рамки на нашата акција и подготвувањето на изборната програма. Ние сме убедени дека граѓаните и сите чинители во државата кои и сакаат подобра иднина на Македонија ќе се вклучат и ќе помогнат во изготвување на победничката изборна Програма. Која без сомнение ќе биде темелот на кој принципиелно ќе се гради идната владина програма.

Како што истекува времето на оваа криминално рекетарска банда на власт предводена од Заев, така и истекува и времето на неговите лажни ветувања, погрешни политики и катастрофални последици. Доаѓа времето на обновата која Заев ќе го прати во историјата и ќе донесе нов поттик на развојот и напредокот на Република Македонија.

Европската иднина може да се обезбеди само со многу труд, работа, посветеност и обнова кои ќе донесат благосостојба на граѓаните на Република Македонија. Заев заминува заедно со куферите Луј Витон, заедно со сомнителните тендери, заедно со принципот евро за Вицето.

Доаѓа времето на прогресот кој заедно со граѓаните и нивните идеи ќе го обезбеди.

Прашање: Со кого лидерот на партијата Христијан Мицкоски и со кои од лидерите на албанските партии имал досега средби и за што се разговарало и со кого се сретнал во Битола со некој лидер од албанските партии?

Одговор: За вчерашна средба во Битола немам информации, она што можам да го кажам и што сме го кажале многу пати претходно е дека во комуникација сме со сите Албански партии, како и со сите останати партии без разлика во однос на тоа од која етничка припадност се луѓето кои членуваат во таа партија. Сметам дека тоа е нешто нормално што треба да го правиме во едно плуралистичко општество. На сите тие средби нормално најактуелно нешто за што се разговара се секако предвремените парламентарни избори. Во однос набило каква соработка, приближување на ставови се разбира како што сме кажале многу пати во минатото се базира и ќе се базира исклучиво на принципиелно договарање, принципиелна политика. Пазарења, задкулисни игри и слично не доаѓаат во предвид. Кога ќе имаме некои информации за кои што ќе треба да ја информираме јавноста, ќе го направиме тоа благовремено.

Прашање: Пратеникот Артан Груби пред неколку дена излезе со изјава дека на лидерската средба било договорено доколку процедурите за членство во НАТО не завршат до февруари, изборите што се договорени на 12-ти април да бидат одложени. Дали имаше таков договор на лидерската средба и дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо изборите да бидат одложени заради членството во НАТО?

Одговор: За ВМРО-ДПМНЕ никакво дополнително одлагање на изборите не доаѓа во предвид. Не сум ја видел изјавата на Груби, претпоставувам дека е некое недоразбирање бидејќи на средбата воопшто не стана збор за такво нешто, напротив се разговараше откако се договори дека 12-ти април ќе биде датумот кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори, се проверуваше можноста доколку е потребно Собранието да ја донесе последната ратификација на спогодбата, односно договорот за пристапување кон НАТО и се разгледа варијантата доколку во тој момент Собранието е веќе распуштено можноста за наново да биде свикано. Бидејќи на самата средба имаше и експерти, професори од Правниот факултет истото го потврдија, бидејќи веќе во 2016-та година имаме воспоставено таква пракса и уставниот суд има донесено одлука со која во случај на итни, неодложни и одредени ситуации е дозволиво Собранието наново да се свика и да се донесува одлука за такво нешто. Така да, било какво одложување од било какви причини на изборите закажани за 12-ти април не доаѓа во предвид.

Прашање: Како го коментирате ставот на г-динот Заев?

Одговор: Видете, нормално дека се она што го кажувавме во изминатиот период, се она за кое се залагавме и на крајот за се она кое работевме и во текот на изминатата година, усогласувањето на реформските закони е всушност носечката и водечка улога на ВМРО-ДПМНЕ. Многу јасно и прецизно го дефинира нашиот пат и онаму каде што како партија и како држава треба да се движиме. Исто така да не заборавиме дека многупати, да не речам секојдневно, дека укажувавме на тоа дека без вистински реформи и без исполнување на условите и критериумите  кои што Европската унија ги бара од нас, не можеме да се надеваме на влез само решавање на некои политички прашања, и тоа е нешто кое што цело време го укажувавме и на што работевме. За жал на сите граѓани на Република Македонија се случи тоа што се случи, граѓаните беа казните поради лошите политики на Заев и Владата. За жал за тоа исто така добивме и потврда од дел од европските лидери, дека без реформи, односно со реформи само на хартија без имплементација на истите, за жал не можеме да бидеме дел од европското семејство. Она што можам да го кажам и да го ветам како ВМРО-ДПМНЕ е дека без разлика како ќе се одвиваат преговорите, без разлика кога ќе го добиеме датумот за преговори, од првиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира Владата ние ќе работиме како датумот да е добиен, како преговорите да се отпочнати и ќе работиме на исполнување на буквално сите задачи кои ги имаме во согласност со поглавјата кои ќе следат пред нас.