Македонија
24. јуни 2024 - 10:28

Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда

Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда, информираат од Министерството за правда.

Министерот, како што се вели во соопштението, најавил дека во својот мандат ќе преземе реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата, деполитизација на судството и обвинителството, враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем и  владеење на правото.

-Во периодот кој следи ќе се обрне поголемо внимание на измените на законите за Судски совет, за Јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, спроведување на реформската агенда во рамки на процесот на имплементација на Планот за раст на Западен Балкан, Патоказот за владеење на правото кој ќе ги исцрта насоките на реформите и мерките до крајната цел-завршување на преговорите како и вклучување на земјите кандидати во Извештајот за владеење на правото како инструмент за рана детекција или превенција на предизвиците со владеењето на правото, се вели во соопштението од Правда.

Филков, кој е член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ – „За Наша Македонија“, е роден во Скопје, каде и дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитет „Св.Кирил и Методиј.

Тој на функцијата ќе го замени Кренар Лога, од редовите на Алијанса за Албанците, крилото на Зијадин Села, кој беше министер за правда од февруари 2023 година.