Македонија
3. October 2015 - 14:54

Хуманитарен пикник на „Алкалоид“: Над 750 илјади денари донирани за Црвениот крст на РМ

Повеќе од 750 илјади денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа изминатата недела вработените во „Алкалоид“, како и членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Средствата ќе бидат донирани за Црвениот крст на Република Македонија.

Ова денеска на традиционалниот хуманитарен пикник, кој петта година по ред го организира фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје, го истакна генералниот директор на компанијата Живко Мукаетов.

Посочи дека годинава одлучиле средствата да ги донираат на Црвениот крст на Република Македонија, имајќи предвид дека ја знаат неговата хумана мисија и колку се трудат да им помогнат на сите категории на луѓе кои имаат потреба од тоа, посебно имајќи ја предвид состојбата со мигрантите кои во огромен број циркулираат низ Македонија.

-  Со ова „Алкалоид“ уште еднаш потврдува дека е општествено одговорна компанија која во секое време се труди да им помогне на оние кои имаат потреба, додаде Мукаетов.

Сузана Тунева Пауновска од Црвениот крст се заблагодари за донацијата и посочи дека за нив претставува посебна чест и гордост зад нивната хумана мисија да ја имаат компанијата „Алкалоид“, која, како што рече, изминатите години покажала дека корпоративната одговорност и хуманиот и социјален одговор во заедницата се нивна дневна агенда.

- Црвениот крст на РМ сака да ви се заблагодари за тоа што ги препознавте капацитетите на оваа хуманитарна организација да излезе во пресрет на потребите на ранливите категории население во државата и огромниот број мигранти. Заклучно со вчерашниот ден 127.000 мигранти транзитираа низ нашата држава. Kако народ ја имаме хуманата димензија и сите заедно можеме да покажеме дека нашата таковина навистина може да биде место за добробит на секој човек кој се нашол во неволја, истакна Тунева Пауновска.