Македонија
16. December 2016 - 13:29

ХОТАМ: Политичката нестабилност влијае врз туризмот

Политичката нестабилност и неформирањето Влада ќе има влијание врз туризмот, смета првиот човек на Здружението на хотелиери во Македонија – ХОТАМ, Кртсе Блажески.

Тоа, според него, се покажа и изминатава година со политичката криза и бегалската рута која минуваше низ државата што се одрази на намалување на бројот на странски гости и откажување аранжмани.

- Се надеваме дека ќе се изнајдат соодветни решенија. Политичката структура во Македонија неминовно е да седнат и заеднички да ги направат тие решенија, а ние сме бизнис сектор кој треба да ги почитува Законите, рече Блажески.

Претседателот на ХОТАМ смета дека нe смее постојано да се префрлува топката од еден на друг, треба да се седне и да се реши проблемот.

- Кај нас секогаш останува надежта како ќе биде. Никогаш не седнуваме да направиме линија што поминавме што згршивме и што треба да поправиме да се погледнеме со сите сектори и да кажеме што е добро што лошо. Постојано некој друг е виновникот, а на крај сите сме донесени да страдаме. Има раст, има се но немаме стабилна Влада, што е недозволиво, оцени Блажески.

Смета дека последната година политичката состојба во Македонија била многу бурна, што се одразило на намалувањето на бројот на ноќевања во првата половина од годината.

- Развојот на туризмот во охридско-струшкиот регион оди со спори чекори напред. Мислам дека целата политичка состојба кај нас последнава година беше многу бурна. Првата половина имавме намалување на бројот на ноќевања, втората испадна добра. Но изгубените ноќевања не можат да се вратат во втората половина, бидејќи тоа ни се ударните месеци, истакна Блажески.

На крајот на годината на охридско-струшкиот регион, според него, има пад на бројот на ноќевања за околу 10 отсто.