Харадинај: Курти го загрозува Косово, опозицијата да се обедини за уривање на Владата
Шефот на опозициската партија Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, изјави дека премиерот Албин Курти го втурнал Косово во длабока криза, поради што побара од другите опозициски партии да се обединат за изгласување недоверба на актуелната Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната средба со бизнисмени, во рамките на циклусот разговори на ААК за состојбите во земјата, поранешниот премиер Харадинај изјави дека, според негови процени, „Косово е во опасна криза“ и тој ризик „веќе не е во вообичаените параметри кога владеењето не е добро“.
- Ризикот е во тоа дека начинот на владеење ја загрозува и суштината на тоа кои сме ние, односно на Републиката во овој случај, рече Харадинај.
Според него, Владата на Курти „го втурна Косово и ја доведе земјата во длабока криза и висок ризик“, меѓу другото и со тоа што ги влоши односите со косовските сојузници.
- Опасноста не доаѓа само од начинот на кој Косово се управува одвнатре, туку и од тоа како се влошија односите со косовските сојузници. Гледајќи ја ваквата состојба која дополнително се влошува, која носи потешкотии во сите сектори, вклучително и во економијата, на Собранието му предложивме опција за промена на состојбата. Собранието како дом на народот има повеќе инструменти, а еден од најважните што ги има демократијата е гласањето недоверба, нагласи Харадинај.
Претседателот на ААК побара од другите две парламентарни опозициски партии на косовските Албанци, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) веднаш да започнат со собирањето на потребните 40 потписи за да започне, како што рече, битката за изгласување недоверба.
- Опасноста од оваа криза нè принудува и не обврзува, за она што е легитимно, да одиме на барање за гласање недоверба. А зошто овој предлог, бидејќи од моментот кога опозицијата, во случајов ПДК, ЛДК и ААК, ги обединат гласовите и обезбедат 40 потписи, веднаш започнува битката за преостанатите гласови. И тука е мобилизацијата на сите оние кои сметаат дека оваа состојба треба да се прекине. Цврсто сум убеден дека ќе успееме, рече Харадинај.
На косовските бизнисмени поранешниот премиер им порача дека ААК, како десничарска партија, се залага за ниски даноци за претприемачите и смета дека профитот треба да остане кај претприемачите, бидејќи тие се генератори на инвестициите.
Ново на Сител
-
Стартува амандманската расправа за буџетот - Поднесени над 300 амандмани од опозициски партии
-
Ќе растат платите на здравствените работници - Премиерот и синдикатот потпишаа договор
-
Продолжуваат преговорите со банките за кредитите за стопанството
-
Николовски: Изградбата на Коридорот 10 е приоритет и покрај обидите на Бугарија да ја заобиколи Македонија
-
Алармантна состојбата со булинг во основните училишта
-
За една година, над 110 сообраќајки на истокот со повеќе од 170 повредни
-
Преглед на вестите од светот
-
Меѓународен ден на студентите