Хан утре во Црна Гора ќе разговара со претставници на власта и на опозицијата

Еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, утре ќе ја посети Црна Гора, кога ќе се сретне со новоизбраниот премиер Душко Марковиќ и првите луѓе на опозициските партии, кои по октомвриските парламентарни избори го бојкотираат Парламентот.
Посетата на Црна Гора, втора откако во 2014 година беше именуван на должноста еврокомесар за проширување, Хан ќе ја почне со разговор со премиерот Марковиќ, а ќе продолжи со заедничка средба со лидерите на предизборната коалиција „Клуч“, Миодраг Лекиќ, Срѓан Милиќ и Жарко Ракчцевиќ, најави Делегацијата на Европската Унија Подгорица, а пренесе Танјуг.
Хан ќе има одвоени средби и со лидерот на Социјалдемократската партија (СДП) Ранко Кривокапиќ и со лидерот на Демократите, Алекса Бечиќ.
Посетата на Црна Гора ќе ја заврши со вечера со поранешниот премиер и лидер на владеачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ.
Хан во Црна Гора доаѓа непосредно по формирањето на новата влада чие лидерство Марковиќ го презеде од Ѓукановиќ. Посетата се реализира во ситуација кога комплетната опозиција го бојкотира Собранието бидејќи не ги признава резултатите од парламентарните избори, како и во момент на зголемен интерес на Русија за Балканот, посебно за Црна Гора, која се наоѓа на прагот на членство во НАТО.
Тој претходно порача дека бојкотот на Парламентот „не е зрело политичко однесување“.
По повод наводниот обид за тероризам на изборниот ден, Хан претходно од Црна Гора побара да покаже дека е во состојба да се носи со таквите настани на „транспарентен начин“, и во согласност со законот да го расветли случајот.
Од 2010 година Црна Гора е кандидат за членство во ЕУ. Пристапните преговори беа отворени во 2012 година и до сега се отворени 24 од 35 преговарачки поглавја.
Ново на Сител
-

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче сака 600 евра минималец, ама не сака дата центри
-

Жетвата на ориз започна, проблемите останаа нерешени
-

Празникот Мала Богородица одбележан во манастирот во Вељуса
-

Преглед на вестите од светот
-

Teма на денот со Петре Ламески, декан на ФИНКИ
-

Речиси 70.000 денари се потребни за да се „истурка“ септември, пресмета ССМ
-

Специјализант најави штрајк со глад: Обвинува за фаворизирање и неправда на Медицинскиот факултет
-

Измама со помош на вештачка интелегенција – пациент си искреирал конзилијарно мислење за лек
