Фудбал
15. May 2024 - 8:55

Халанд и Ортега го доближија Сити до шампионската титула

Фудбалерите на Манчестер сити 90 минути ги делат од одбрана на шампионската титула. Вечерва, во Лондон, Сити го победи Тотенхем со 2:0. Херои на Сити се стрелецот на двата гола Халанд и голманот Ортега кој во вториот дел имаше три брлијинатни интервенции. Сити во пресрет на последното коло има два бода повеќе од Арсенал.

Манчестер сити ги издржа налетите на Тотенхем во последните 30 минути и дојде на чекор до четвртата шампионска титула во низа, подвиг каков што не направил ниту еден тим во Премиер лигата.

По релативно мирното прво полувреме, во кое двата тима имаа по една шанса, во вториот дел играчите првата акција ја крунисаа со гол. Асистенцијата на Де Брујне во 51.минута во гол ја претвори Халанд.

Од тој момент Сити се определи да ја чува предноста, а играчите на Тотенхем редеа напади пред голот на противникот.

Едерсон излезе од игра во 69.минута. Гвардиола оцени дека неговиот фголман не може да продолжи откако Бразилецот доби удар во главата од Ромеро.

Влегувањето на Ортега можеби беше клучниот потег на натпреварот.

Резервниот голман најпрвин два пати му одбрани на Кулижевски во 71. и 79.минута, а во 86.минута ја доби битката и со Сон во ситуација „еден на еден“.

Точка на мечот стави Халанд од пенал во 91.минута.

Во последното коло Манчестер сити ќе го пречека Вест Хем, а Арсенал на домашен терен ќе игра против Евертон.