Свет
24. јуни 2022 - 10:22

Хабек: Можен е целосен прекин на испораките на гас за Германија преку Северен тек

Германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска изјави дека на неговата земја и се заканува недостиг на гас доколку испораките од Русија останат на сегашното ниско ниво, а доколку до зима и ги нема доволно, тогаш одредени индустрии ќе мора да бидат затворени, пренесе магазинот „Шпигел“.

-Компаниите би морале да го прекинат производството, да отпуштат работници, синџирите на снабдување би пропаднале, луѓето би се задолжиле за да ги платат сметките за греење, тие луѓе би станале посиромашни, рече Хабек, пренесуваат британските медиуми.

Германскиот министер за економија смета дека е можно Русија целосно да престане да испорачува гас преку Северен тек и повторно го искажа ставот дека „не верува во техничките проблеми што Кремљ ги наведе како причина за намалената испорака на гас“, посочувајќи дека станува збор за политичка мерка.