Македонија
29. јуни 2016 - 14:53

Груевски по средбата со Хан: На сите им одговара елиминирање на надворешните и внатрешните ризици

Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска ја продолжи дводневната работна посета на Брисел, каде утринава оствари голем број средби со високи претставници на Европската унија од кои најважна е онаа во Европската комисија со комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, според информацијата од средбата на Груевски и Хан, тие двајцата имале отворен разговор во кој според Груевски ги допреле сите теми што ја засегаат Република Македонија.

Во изјава за МИА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека заедничка констатација на него и Хан, но и во разговорите со другите денешни соговорници како европратениците Дејвид Мекалистер, Иво Вајгл, Пол Рубиг и Анџелика Ниблер е дека на Македонија и е потребно елиминирање на надворешните и внатрешните ризици:

- Средбите одат добро. И вчера и денеска се среќаваме со многу наши пријатели, партиски поддржувачи и разни други лица што на еден или друг начин имаат одговорност во нивното работење за Македонија и за регионот каде што е Македонија. За констатација е дека на сите им одговара, како на нас во Македонија, така и на нив овде во Европската унија и кај земјите-членки, да имаме елиминирање на сите надворешни и внатрешни ризици. Надворешни во смисла на бегалската криза и проблемите што од неа може да дојдат, а внатрешни во смисла на вештачките кризи што ни се наметнуваат. Констатација е дека треба да се продолжи заеднички да се работи во тој правец, но дека е потребно и сите други страни внатре во земјата кај нас да се потрудат да помогнат во тој правец, а не само ВМРО-ДПМНЕ , истакна Груевски во изјава а МИА по средбите.

Попладнево, според планираното, Никола Груевски треба да се сретне со Жозеф Дол, претседател на најголемата европска политичка партија, Европската народна партија, како и со други виоски претставници и дипломати во Европската унија. А, како што е познато, Груевски и во текот на вчерашниот ден имаше набиена агенда на средби со политичари и дипломати во Брисел со цел, како што самиот рече, да се санираат штетите што според Груевски ги предизвикала опозициската СДСМ со создавањето на политичката криза во Република Македонија.