Балкан
26. April 2021 - 10:39

Грција ја прошири листата земји за кои се укинува карантинот по пристигнувањето

Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Руанда, Русија и Сингапур од денеска се на грчката листа земји за чии државјани се укинува задолжителниот карантин по пристигнувањето во Грција, под услов да имаат негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.

Според новите авионски упатства од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција, новите седум земји се додаваат на веќе постоечката листа од минатата седмица на која се и државјаните на земјите членки на ЕУ, на Шенген зоната, како и државјаните на Велика Британија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Србија и Израел.

Во истата одлука е и она што вчера беше објавено во министерската одлука, а го пренесе МИА, односно продолжена е и забрана за влез во Грција на државјани на трети земји, со исклучок на наведените 12 држави.

За сите авионски пристигнувања во Грција од странство потребен е негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, истото важи и за децата со наполнети пет години, а задолжителен е седумдневен карантин, освен за државјаните на земјите од конкретната листа.

Државјаните на земјите членки на ЕУ, на Шенген зоната, на Велика Британија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Србија, Израел, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Руанда, Русија и Сингапур, за да влезат во Грција потребно е да имаат или потврда за негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација на англиски јазик, под услов да се поминати 14 дена од завршувањето на имунизацијата.

Новите упатства се во сила до следниот понеделник, а до тогаш важи и министерската одлука за копнените граници, што вчера ја објави МИА, а се однесува на привременото ограничување на копнените поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и Турција.