Македонија
28. March 2025 - 16:39

Граѓански организации бараат казни наместо време за прилагодување

Наместо време за прилагодување, граѓанската Платформа за борба против корупцијата, бара да се казнат сите неправилности откриени со засилените контроли по трагедијата во Кочани. Велат, одземањето лиценци до исполнување на условите за работа, е продолжување на праксата на неказнивост.

„Не само што ќе се стават времено објектите или дејностите во мирување додека не се усогласат, туку и за сите оние што сега ќе се утврди дека се неусогласени, тие и ќе се казнат заради тоа што континуирано не ги почитувале правилата и довеле до потенцијален ризик за нивните потрошувачи“, изјави Миша Поповиќ, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата.

„Ревизијата на правната регулатива не смее да се подразбере дека значи амнестирање на сите оние кои досега работеле спротивно на правилата и процедурите кои веќе постојат во самата таа правна рамка“, изјави Снежана Камиловска Трпковска, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата.

Пожарот во Кочани, модуларната болница, Ласкарци и Беса Транс сметаат дека се резултат на системски пропусти и само формално, но, не и реално исполнување на условите за работа заради кои изгубени се 150 животи. Упатија десетина барања до институциите за како што велат, да прекине селективната правда.

„Корупцијата не се само оние апстрактни случаи на некои функционери кои затаиле милионски суми, или корупцијата не е кривично дело кое нема жртви, можеби нема директни жртви, меѓутоа, ние веќе долго време се соочуваме со човечки жртви и трагедии токму заради несакционирање и непревземање на ништо во поглед на борбата со корупцијата“, изјави Дарко Аврамовски, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата. 

За спречување коруптивно однесување, Граѓанската платформа предлага проверка на имотната состојба и судир на интереси за инспектори и службеници кои работат на издавање дозволи и лиценци. 

За пожарот во Кочани го повикаа обвинителството да спроведе темелна истрага без политички влијанија.