Македонија
10. February 2023 - 14:06

Градоначалникот Куртовски се сретна со учениците кои се затекнаа во Турција за време на катастофалниот земјотрес

Градоначалникот на општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски, денеска во неговиот кабинет ги прими учениците кои се наоѓаа во Република Турција, во време кога земјата беше погодена од катастрофалниот земјотрес.

-Во овие тешки моменти, кога нашите мисли и молитви се со настраданите во Турција, посебно чувство на задоволство ми беше што се сретнав со учениците од нашата општина, кои преку Еразмус плус беа токму во настраданото подрачје. Станува збор за четворица ученици од нашата општина, поконкретно од Скудриње, Аџиевци, Велебрдо и Требиште. Благодарни сме што децата се вратија живи и здрави и неповредени, изјави Куртовски за МИА.

Посебна благодарност искажува за македонската амбасада во Анкара и конзулатот во Истанбул кои го организираа нивното враќање во своите домови.

Инаку, деветтемина македонски државјани, осум ученици и нивниот наставник-ментор, беа затекнати во Турција за време на земјотресот каде престојуваа преку програмата „Еразмус плус“, а во земјава се вратија вчера наутро.

-Исто така се заблагодаруваме на сите месни заедници и џамиски одбори кои организираа собирање на хуманитарна помош за настраданите во земјотресот со што се потврдува хуманоста на жителите на реканскиот крај. Сочувствуваме со сите настрадани од овој катастрофален земјотрес и посакуваме брзо закрепнување на сите повредени, рече тој.

Општина Маврово и Ростуше прогласи денови на жалост и до 12 месецов знамињата пред општинската зграда се поставени на половина копје. Исто така советот на општината донесе едногласна одлука за доделување на финансиска помош во висина од 500.000 денари за настраданите подрачја.