Балкан
30. November 2017 - 13:00

Грабар-Китаровиќ: Хрватска не беше агресор, се браневме од големосрпската агресија

Како претседателка на Република Хрватска, јасно и недвосмислено сакам да порачам дека вчера во Хаг не се изрекуваше пресуда на Хрватска, ниту на хрватскиот народ во БиХ. Хрватска не беше агресор, туку најмногу направи за зачувување на целовитоста на БиХ, а хрватскиот народ се одбрани од големосрпската агресија, изјави денеска Колинда Грабар-Китаровиќ.

- Хрватска и Бих беа нападнати од Србија и ЈНА на Слободан Милошевиќ, која се стави во отворена борба за остварување на проектот „Голема Србија“. Хрватска никого не нападна, изјави Грабар-Китаровиќ откако Хашкиот трибунал вчера донесе пресуда за шестмина босански Хрвати, со која се потврди дека постоел меѓународен вооружен судир во БиХ и состојба на окупација, а исто и постоење на здружено хрватско злосторничко дејствување со цел етничко чистење во делови на БиХ.

Таа рече дека Хрватска мора да признае дека некои сонародници извршиле злосторства и за тоа тие треба да одговараат, но оцени дека е неправедно што истовремено не се казнети српски и бошњачки злосторства над Хрвати.
 
Денешното обраќање, шефицата на хрватската држава го почна со изрази на сочуство до семејството на Слободан Праљак, кој вчера во судницата испи, засега непознат отров, по што почина. Грабар-Китаровиќ оцени дека Праљак, кој беше осуден на 20 години затвор, попрво го дал животот отколку да живее осуден за дело за кое цврсто верувал дека не го сторил.
 
- Неговиот чин погоди длабоко во срцата на хрватскиот народ, рече претседателката на Хрватска.