„Говорна мана“ - премиера на Македонскиот народен театар
Македонскиот народен театар задутре, 15 март, на малата сцена премиерно ќе ја постави претставата „Говорна мана“ во режија на Драгана Милошевски-Попова, според текст на познатиот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ.
Приказната се одвива во театар, во гримиорна на еден актер, првенец, на крајот на неговата кариера. Актерот и професор по глума во приказната (Мишел Радински), кого го игра Игор Џамбазов, се штити себеси затворајќи ги очите пред општествената реалност и бега во илузиите кои му ги овозможува театарот.
- Во текот на процесот размислувавме дали треба да остане да се вика „Говорна мана“ или да биде говорна и други мани затоа што се занимава со разноразни општествени теми, што се сублимирани како и во другите, пред се, филмови, но и во други текстови на Горан Марковиќ, кои влијаеле да се развијам и како човек, и како режисер. Приказната е сместена во театар и сите ликови се луѓе кои кажуваат реплики што нам ни се блиски и познати, рече режисерката Милошевски-Попова на прес-конференција.
Џамбазов, исто така, рече дека и самиот пораснал со филмовите на Марковиќ со кого наоѓа и биографски сличности - и двајцата се деца на родители-актери, и двајцата израснале во театарот.
- Затоа, се она што го напишал во „Говорна мана“ е само една брилијантна слика на она што тој го доживувал во своите детски денови во театарот. Се занимавал со проблемот на театарот и театарските луѓе, а всушност преку театарот и со целото општество, рече Џамбазов, додавајќи и дека му е задоволство да игра лик на актер особено на актер како Мишел Радински за кој, како што рече, во претставата ќе се открие што се правел во животот и каде се бил.
Наспроти неговиот е ликот на млад човек (Петар) со кариера која ветува. Него го игра Ивица Димитријевиќ, а женскиот лик (Славица) го игра Сашка Димитровска. Покрај нив, кои се ликови од текстот на Марковиќ, во претставата има ликови на уште три актерки кои ќе ги играат Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.
Тие, рече режисерката, отвораат теми и прашања за тоа каков театар денес очекуваме, сакаме и имаме потреба да видиме и да правиме.
- Тоа е еден вид коментар. Тие актерки учествуваат во целата претстава и се коментатори - некој којшто учествува, кој може да критикува и да биде критикуван, додаде Милошевски-Попова, која вторпат соработува со МНТ по постановката на комедијата „Дундо Марое“ во 2008 година.
Костимографијата и сценографијата во „Говорна мана“ се на Илина Ангеловска, а музиката ја компонираше Горан Трајковски. Првата реприза на новата премиера на МНТ ќе биде на 16-ти, а втората на 29 март.
Ново на Сител
-
Свечља: Вучиќ ќе биде затворен ако се обиде без дозвола да влезе во Косово
-
ИНСТАТ ја коригираше грешката, на прегледот за пописните резултати напиша Македонци
-
До 14 часот на изборите за нов лидер на СДСМ гласале 28,61 отсто од регистрираните избирачи
-
Мицкоски на средба со Перински и Димитриеска Кочоска: Со ребаланс на буџетот ќе обезбедиме 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините
-
Бериша: Албанија нема повеќе од 1,4 милиони население
-
Од вторник повторно нестабилно време со пороен дожд и грмежи
-
Дачиќ: Синагогата во Белград е можна првична мета на терористичкот напад во Белград
-
Северна Кореја: Односите меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија се развија во азиска верзија на НАТО