Македонија
21. May 2023 - 16:32

Големо признание за македонските лекари и универзитетски професори

Со математичка формула лекарите ќе знаат дали лице со хеморагичен мозочен удар ќе преживее или не. Од тој одговор ќе зависи и понатамошниот медицински третман. За почеток доволни се анализите што ги земаат уште првиот ден при приемот на пациентот. Овој модел се уште е во фаза на клиничко испитување а за него тим од Медицински и од Природно математичкиот  факултет од Македонија добија прва награда на 62 риот интернационален научен конгрес за Неуронаука во Пула.

-се работи за изработка на прогностичка математичка формула која го предвидува интрахоспиталниот морталитет кај пациенти со хеморагичен мозочен удар врз основа на мерени параметри – биохемисли, радиолошки и клинички варијабли. Врз основа на тоа изработивме апликативен софтверски пакет кој на едноставен начин може да го предвиди клиничкиот исхор, вели д-р Владимир Рендевски, неврохирург и дел од истражувачкиот тим

Сензитивноста на овој метод е 88 проценти и ќе им биде од голема корист и на неврохирурзите и на невролозите кои понекогаш имаат дилеми кај вакви пациенти дали да ги третираат со лекови или со операција. Но за да заживее кај нас и во пракса потребни се инвестирања од страна на здравствените власти.

-Како држава треба повеќе да се вложува во науката, бидејќи за да се имплементира вакво истражување треба и одредени скапи лабораториски апарати и биохемиски агенси. Така да сме конкурентни но треба и помош од државата, вели д-р Рендевски.

Со добра стратегија и организација, доктор Рендевски вели дека и во Македонија може тие итно загрозувачки пациенти да бидат адекватно третирани и соодветно прогнозирани.