Повеќе државни институции сместени во МРТВ две недели без вода - Вработени раце мијат во блиски молови
Ни капка вода не тече од втори до 19 кат во зградата на МРТВ. Стотици вработени во повеќе државни институции две недели работат во субстандардни услови и во ризик од појава на заразни болести.
- Вработени од Бирото за проценка кои се на 19 кат и оние од инспекторатот за земјоделство на 13 кат, во 21 век доколку сакаат да остварат основни хигиенски потреби треба да се симнат на први каде доколку имаат среќа ќе измијат раце. Во спротивно треба да трчаат до најблискиот мол или угостителски објект.
Без вода на овие пеколни горештини неколку институции го скратија работното време. До 13 часот работат во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
- Зошто толку рано си заминувате од работа? – Зошто немаме осдновни услови за работа, две недели немаме вода и мораме порано дома заради физиолошки потреби, вели вработена во Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Нејзината директорка се одлучила на овој чекор за да ги заштити вработените кои неможат ни раце да измијат иако ќе им трпи работата која е со определени рокови.
- Работиме во институција каде има дваесетина инситутции каде секојдневно доаѓаат сотитици странски. Се возиме во лифтови каде се возат стотици лица и нема каде да измиеме раце, вели Пламенка Бојчева, директор на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од Службата за општи и заеднички работи при Владата велат дека веднаш по пријавување на проблемот, фирма што е задолжена за овој објект ја проверила целокупната опрема.
- Утврдено е дека пумпите се во функција по нивна изјава, но нема доволен притисок на вода. Не доаѓа вода која би можела да стигне до сите катови. Вода има само на први и втори кат која доаѓа по природен притисок. Еднаш е мерено од наши екипи и е 1,9 бари, што е недоволно да се качи до 3 кат а потоа од пумпите нагоре, вели Дејан Дамјановски, од СОЗР.
Од Водовод велат дека проблемот не е кај нив.
„Екипите на ЈП Водовод и канализација излегоа на терен и за зградата на Македонска телевизија констатираа дека во зградата има хидрофорни пумпи кои се после трет спрат на зградата и затоа е потребно самите корисници да превземат активности за зголемување на нивниот капацитет.Внатрешната инсталација на зградата не е во надлежност на ЈП Водовод и канализација“, известија од ЈП „Водовод и канализација“.
Од Водовод исто така посочија дека поради зголемено и неконтролирано трошење на вода во овој период од годината градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар