Големо парче лим откорнато од зграда во Капиштец виси на дрво и може да падне врз минувачите
Големо парче лим откорнато од зграда во Капиштец виси на дрво. Делот паднал од покривот и се заглавил меѓу гранки. Од врвот на зградата се уште висат парчиња – метални и дрвени. И тие и паднатиот лим врз дрвото се опасност за минувачите бидејќи се мрдаат при посилен ветер и може да паднат.
„Како што можело да падне и да застане на тоа дрво, може да падне и од дрвото и да повреди некого. Не е безбедно, толку време да помине и никој да не го забележи тоа...
Тоа треба да си го реши куќниот совет и општината Центар.
Не е безбедно баш, меѓутоа такво е во Скопје, цело Скопје е такво, сите општини се такви.“
Ова се случува во период кога сите општини ги задолжија управителите на станбените згради да ја проверат безбедноста на објектите. Иако овие проверки пред се’ се фокусирани на противпожарната заштита, во залепените известувања од Општина Центар низ влезовите од зградите, меѓудругото пишува дека управителот треба да ги поправи оштетените и да ги замени дотраените фасади, како и нивните елементи. Роковите за одговор течат, а потоа ќе следи и инспекциска контрола.
„Самите згради и внатре не се безбедни, колку што знам. До мене што се таму, грото немаат ништо, или цревата се извадени од хидрантие, а да не збориме за помошни скали. Не гледам освен во Градски ѕид дека има негде помошни скали.
Еве ние имаме допис, треба да одговориме на дописот, направивме условите целосно да бидат исполнети. Скалите, хидранти, се обезбедивме, да се покриеме пред општината да не добиеме казна.
Мислам дека овие новите градби се понебезбедни, а постарите градби мислам дека се безбедни.“
Лани во октомври падна парче и од барконата фасада на Улица Македонија, во најстрогиот центар на Скопје. При падот од тежината на парчето се срушил рекламен знак. За среќа немаше повредени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар