Свет
5. November 2016 - 9:47

Германското разузнавање открило 20 исламисти во редовите на вооружените сили во земјата

Военото контраразузнавање на Германија открило во редовите на вооружените сили на земјата околу 20 исламисти, а уште 60 лица се набљудуваат, пишува денеска весникот „Берлинер моргенпост“, повикувајќи се на армиски извори.

Според податоците, најпривлечно за терористите е воената обука.

- Бироата за регрутирање добиваат барања за воена служба од кандидати кои сакаат да стекнат знаење за користење оружје и воена техника, се наведува во документот на разузнавачката служба.

Весникот наведува дека проверките во редовите на германските безбедносни сили почнале по терористичките напади во Брисел и Париз.

Неодамна германската Влада донесе одлука, според која военото контраразузнавање ќе може да ги проверува кандидатите за воена служба поради евентуални екстремистички намери уште пред тие да стапат во армиските единици. Оваа одлука ќе стапи во сила од следната година.