Свет
18. October 2017 - 17:47

Германската канцеларка почна преговори за нова владејачка коалиција

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска почна преговори со две помали партии за формирање нова владејачка коалиција во Германија.

Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел и нејзиниот традиционален баварски партнер Христијанско социјалната унија (ЦСУ), заедно освоија околу една третина од гласовите на изборите на 24 септември, што не е доволно за да владеат сами.

Социјалдемократска партија на Германија (СПД), со која сојузот ЦДУ/ЦСУ владееше во последните четири години, по слабиот изборен резултат, соопшти дека веќе нема да учествува во власта како дел од „широка коалиција“.

Демохристијаните не можат да обезбедат мнозинство со поддршка на една партија.

Затоа, ЦДУ/ЦСУ денеска ќе имаат одделни разговори со либералната Слободна демократска партија (ФДП) и со Зелените. Целта е да биде формирана коалицијата „Јамајка“, која е наречена така поради боите на партиите, кои се како од знамето на карипската земја, каква што досега немало на федерално ниво. Оваа опција се чини дека е најверодостојна да формира владејачка коалиција.

Прелиминарните разговори меѓу ЦДУ/ЦСУ и ФДП веќе започнаа, а делегација на Христијанско демократската унија попладнево ќе се состане и со претставници на Зелените.

Се очекува потенцијалните коалициски партнери од „Јамајка“ колаицијата првпат да седнат на заеднички разговори в петок.

Ново на Сител