Македонија
20. April 2025 - 16:46

Германија ќе отпушти 1/3 од вработените, драстични отпуштања кај нас нема да има

Третина од германските компании очекуваат намалување на работните места оваа година. Според истражувањето на германскиот економски институт, намалената прогноза за економски раст, слабата глобална економија  и рецесијата влијаеле за пeсимистичките прогнози на околу 2,000 компании вклучени во анкетата. Истата била спроведена пред објавување на високите тарифи на Трамп, кои се очекуваа уште повеќе да ги влошат прогнозите на најсилната европска економија. Иако голем број германски компании се присутни на македонскиот пазар, кризата не значи дека веднаш и кај нас ќе следи истото сценарио. Напротив, претседателот на Советот на странски инвеститори признава дека ќе биде предизвикувачка година, но не очекува драстично намалување на работните места, бидејќи сме поевтини од другите земји. 

Очекувам предизвикувачка година. Но јас не сум песимист, туку умерен оптимист, со оглед на тоа дека ние сме поконкурентни од останатите земји од аспект на трошоци на работна сила, даноци, комуналии и слично. Така да очекувам тие намалувања да бидат помалку присутни кај нас отколку во другите земји, каде трошоците им се повисоки, изјави Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори.

Во моментов во Германија невработени се 3 милиони лица, што е највисока бројка во последните 10 години. Воведувањето на царини од страна на Трамп за целиот увоз, со дополнителни давачки за автомобилите, алуминиумот и челикот, уште повеќе ќе ги влоши надежите. Но, она што е поважно за нашата економија, според Мизо, се какви ќе бидат најновите прогнози за нивната економија

Бидејќи не значи дека секое укинување на работното место во Германија, ќе се рефлектира и за затворање на работното место кај нас. Прогнозите за германската економија сега се намалени од 08% на 0,1%, Ако изминативе 2 години Германија е во рецесија, сега е на работ на рецесија, додава Мизо.

Конкурентноста на германската економија е ослабена поради високите трошоци за енергија, за работна сила но и регулаторните трошоци. Индустријата веќе подолго време страда и заради тоа, прогнозите на овој сектор се најпесимистички.