Германија ќе ги укине ограничувањата за оружје за Израел додека примирјето се одржува

Портпаролот на владата, Стефан Корнелиус, за ДПА изјави дека примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, кое е во сила од 10 октомври, е клучна причина за укинување на забраната.
Корнелиус рече дека примирјето „се стабилизирало во последните недели“.
Портпаролот исто така ги наведе напорите за постигнување траен мир и зголемување на протокот на хуманитарна помош кон Појасот Газа.
Германската Влада „ќе го разгледува секој случај поединечно и ќе одговори на понатамошниот развој“ кога станува збор за извоз на оружје, рече тој.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц на почетокот на август објави суспензија на извозот на оружје кон Израел кое би можело да се користи во Појасот Газа „до понатамошно известување“, што значеше голем пресврт во германската надворешна политика.
Овој потег дојде само неколку часа по одлуката на израелската влада да ги прошири воените операции во Газа и претставуваше значително отстапување од претходната позиција на Берлин, кој беше еден од најсилните поддржувачи на Израел по терористичките напади на 7 октомври 2023 година извршени од Хамас.
Одлуката на Мерц предизвика значајни тензии во неговиот конзервативен блок, делумно затоа што Мерц ја дискутирал со својот заменик, Ларс Клингбајл од Социјалдемократите, но не и со раководството на конзервативната пратеничка група во парламентот.
Израел исто така ја критикуваше одлуката, велејќи дека Мерц бил под влијание на надворешни фактори и дека на тој начин ги наградува Хамас.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар денеска го поздрави променетиот курс.
- Ги повикувам и другите влади да донесат слични одлуки, следејќи ја Германија, напиша тој на Х.
Германската влада не одобрила никакви реални дозволи за извоз на оружје од пролетта.
Сепак, денешната најава може да значи дека Израел сега може да купува мотори за своите тенкови „Меркава“, кои ги произведува германската компанија Renk.
По терористичките напади на 7 октомври, германската влада првично го зголеми извозот на оружје во Израел за да ја покаже својата солидарност. Германија традиционално се смета за држава со специјална одговорност за безбедноста на Израел, како последица на злосторствата против Евреите во Холокаустот.
Претходната влада на тогашниот канцелар Олаф Шолц издаде дозволи за извоз во вредност од речиси половина милијарда евра до крајот на неговиот мандат на 6 мај 2025 година.
Владата на Мерц продолжи да дозволува извоз на воена опрема во Израел, но само во поограничен обем.
Ново на Сител
-

Тошковски подложен на хируршка интервенција, МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира
-

Одложени судски рочишта против Мерко и за родилката од Дебар, парична казна за адвокатот на првообвинетите
-

Сиљановска-Давкова: ЕУ немаше јасна стратегија за Балканот, доцнеше зад САД, а и денес преферира двојни стандарди
-

Сузбиена криминална група инволвирана во вршење на кривично дело криумчарење мигранти
-

Јаневска: Студентите овој месец ќе ги добијат средствата за студентски оброк
-

Трет ден расправа за Предлог-буџетот за 2026 година
-

Поскапуваат бензините и дизелот
-

Од 24.000 на 34.000 денари поскапува полагањето за возачка дозвола од Б категорија
