Свет
4. December 2025 - 7:59

Генералното собрание на ОН усвои резолуција за враќање на киднапираните украински деца, 11 земји гласаа против

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се бара од Русија да обезбеди итно, безбедно и безусловно враќање на сите украински деца присилно преместени или депортирани за време на војната во Украина и се повикува Москва да престане со таа практика.

Резолуцијата беше усвоена од 91 земја-членка на Генералното собрание на ОН, вклучувајќи ги и САД, со 57 воздржани гласа, а Русија и 11 други земји гласаа против.

Покрај Русија, против гласаа и Белорусија, Буркина Фасо, Бурунди, Куба, ДР Конго, Еритреја, Мали, Никарагва, Нигер и Судан.

Русија повика резолуцијата, која ја составија Украина, Канада и Европската унија, да не биде усвоена.

– Секој глас за резолуцијата е поддршка за лагите, војната и конфликтите. Секој глас против е глас за мир, порача заменичката на рускиот амбасадор во ОН, Марија Заболотскаја, пред Генералното собрание пред гласањето.

Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки.

Првата дама на САД, Меланија Трамп, во октомври изјави дека е во „отворена комуникација“ со рускиот претседател Владимир Путин и дека некои деца биле вратени кај нивните семејства, како и дека наскоро ќе бидат вратени и други.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година, обвинувајќи го за воено злосторство – незаконска депортација на стотици деца од Украина, потег што Русија го отфрли како „скандалозен и неприфатлив“.

Украина ја обвинува Русија за киднапирање на десетици илјади деца и нивно префрлање во Русија или на територија окупирана од Русија без согласност на нивните семејства или старатели. Москва претходно соопшти дека руската војска „ги штити ранливите деца од воените зони“.

 

МИА