Свет
9. March 2026 - 10:09

Г7 свикува итен состанок за нафтата по падот на берзите

Земјите од Групата седум водечки индустриски демократии (Г7) денеска ќе одржат итен состанок за растот на цената на нафтата, откако таа надмина 100 долари за барел, а светските берзи забележаа пад поради ескалацијата на војната меѓу САД, Израел и Иран.

Министрите за финансии од водечките индустриски земји ќе се состанат попладнево за да разговараат за економските последици од конфликтот.

Светските цени на нафтата достигнаа речиси 120 долари за барел поради стравувања дека може да дојде до долготрајно нарушување на снабдувањето со енергенси преку клучниот транспортен пат – Ормускиот Теснец.

„Фајненшл тајмс“ објави дека на состанокот на Г7 ќе се разгледува можноста за координирано ослободување на нафта од стратешките резерви, во соработка со Меѓународната агенција за енергија.

Сериозно нарушување на снабдувањето со енергенси од регионот би можело да доведе до раст на цените за потрошувачите и компаниите ширум светот.

Околу една петтина од светското снабдување со нафта обично се транспортира преку Ормускиот Теснец, но сообраќајот низ тесниот премин речиси целосно запре по почетокот на војната пред една недела.

Иран во неделата го именуваше Моџтаба Хамнеи за наследник на својот татко Али Хамнеи на позицијата врховен лидер, што укажува дека тврдокорната струја во земјата останува на власт и повеќе од една недела по почетокот на конфликтот.

Во текот на викендот САД и Израел извршија нови воздушни напади врз цели во Иран, меѓу кои и складишта за нафта.

Во утринското тргување во Азија, цената на „Брент“ порасна за повеќе од 25 проценти и во еден момент достигна 119,50 долари за барел, пред да се стабилизира на околу 109 долари.

Американската нафта West Texas Intermediate (WTI) бележеше слични движења и се тргуваше по околу 104 долари за барел.

Берзите во азиско-пацифичкиот регион остро паднаа. Јапонскиот индекс Никеи 225 првично се намали за повеќе од седум проценти, а денот го заврши со пад од 5,2 проценти.

Јужнокорејскиот индекс Коспи падна за повеќе од осум проценти, што предизвика 20-минутен прекин на тргувањето. На крајот индексот заврши со пад од шест проценти.

Аднан Мазареи од Институтот „Питерсон“ за меѓународна економија оцени дека растот на цените на нафтата е очекуван, имајќи предвид дека производството е прекинато во дел од земјите од Персискиот Залив и дека има знаци за долготраен конфликт.

– Луѓето сфаќаат дека ова нема брзо да заврши – изјави Мазареи, додавајќи дека ветувањата за гаранции и цели од страна на САД „стануваат сè понереални“.

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ги отфрли загриженостите за растот на цената на нафтата. Во објава на платформата „Трут Соушл“ вчера напиша дека краткорочниот раст на цените е „мала цена што треба да се плати за безбедноста и мирот на САД и светот“.

Американскиот секретар за енергетика изјави дека Израел, а не САД, ја таргетира иранската енергетска инфраструктура, во услови на загриженост поради растот на цените на горивата на американскиот пазар.Жените во Армијата на нашата земја се активен дел од одбранбениот систем

МИА