Македонија
25. April 2017 - 8:30

Француско-германски саем на детска литература

Францускиот институт во Скопје и Гете-Институтот Скопје организираат Француско-германски саем на детска литература, со наслов „Го читаме другиот“, којшто ќе се одржи во Скопје, Битола и Гостивар.

Саемот ќе биде отворен денеска во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје од амбасадорите на Франција и Германија, Кристијан Тимоние и Кристина Алтхаузер.

Почесни гости на Саемот се четворица автори и илустратори на литература за млади, од кои двајца Французи и двајца Германци: Ан Малер, Јана Хајнике, Марк Бутаван и Патрик Хертвек. 

Во рамки на програмата на саемот, ќе се одржат работилници, книжевни читања и дебати со гостите. Тој продолжува и утре, паралелно во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола и во Центарот за култура во Гостивар.

- Овој проект, поддржан од Француско-германскиот културен фонд, има  цел да ја промовира книгата како фактор за културна отвореност и еманципација. Преку читањето на странски јазик младите се воведуваат во светот на туѓата култура, но и во структурата на туѓиот јазик, информираат организаторите.