Македонија
14. February 2018 - 12:18

ФПСМ ќе прави детална анализа за загинатите планинари: Семејствата заслужуваат да ја знаат вистината за трагичниот настан

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија формира специјална комисија која ќе ги анализира околностите под кои загинаа планинарите Калина Велевска и Александар Миновски.

Во соопштението објавено на нивната веб страницата се истакнува дека комисијата е составена од нивни членови и експерти кои по добивањето на сите релевантни податоци од надлежните институции во Македонија и Грција и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција, ќе направат детална анализа.

– Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот настан. Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите членови. Во меѓувреме сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот, затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции, се вели во соопштението.

По добиените официјални информации и сознанија, ФПСМ ќе излезе со свој став за овој немил настан.

Семејствата за загинатите вчера преку писмо изразија сомневање во професионалноста на организаторите на турата и бараа одговорност.

Двајцата планинари загинаа при искачување на планината Кајмакчалан изминатиот викенд.