Свет
18. May 2022 - 14:04

Фон дер Лајен: Нов енергетски и одбранбен пакет за ЕУ како одговор на руската агресија

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пред малку го најави новиот пакет на Европската Комисија за масовни инвестиции во енергијата и одбраната во ЕУ, како одговор на руско-украинската војна, јави дописничката на МИА од Брисел.

Првиот дел од предлог пакетот на Комисијата се однесува на стекнувањето независност од руските енергенси, нафтата и гасот пред сѐ.

Конкретно, за да се намали потребата од руски фосилни енергенси, и фосилни енергенси на долг рок, Европската Комисија бара од земјите членки да дејствуваат на три полиња: штедење на енергија, набавка на енергенси од други добавувачи освен Русија и масовни инвестиции во обновливите извори на енергија.

За претседателката на Европската Комисија, ЕУ не може да се наслони на Русија за увоз и треба да бара други извори за нафта и гас. Ова значи и длабоки инфраструктурни промени за земјите членки, каде Европската Комисија ќе помогне.

Фон дер Лајен го поздрави фактот што во споредба со минатата година ЕУ веќе го намалила увозот на руски гас. Минатата година бил 40 отсто, оваа година до април 26 отсто, но тоа не е доволно, смета Европската Комисија.

За да им се помогне на земјите членки на ЕУ да се осамостојат од руската енергија, Европската Комисија планира да ги намали роковите за добивање дозвола за обновлива енергија, за кои моментално се потребни до девет години, на една година. Европската Комисија сака да се зголеми таргетот за енергетска ефикасност од 9 отсто на 13 отсто, како и да воведе обврска за соларни панели на комерцијални и јавни згради до 2025, а за резиденции до 2029.

Ова, рече таа, ќе значат масовни инвестиции, до 300 милијарди евра ќе бидат мобилизирани во грантови и заеми од кои дел ќе оди за промена на инфраструктурата за увоз на гас, а две милијарди евра се предвидени за да се стави крај на увозот на руска нафта.

Во делот на одбраната, претседателката ги повика земјите членки значително да ги зголемат воените буџети, после десет години разоружување на европскиот континент.

За оваа цел ќе биде креирано посебно тело кое ќе има за цел да ги координира потребите и инвестициите на земјите членки во делот на одбраната, Комисијата сака земјите заедно да вршат набавки на оружје и воена опрема, да се координираат, да бидат интероперабилни и да ја зајакнат одбранбената индустрија на ЕУ. Како поттик, наесен, Европската Комисија ќе предложи нова регулација со која целосно ќе биде изземена оваа област од ДДВ.