Свет
15. October 2015 - 18:28

Филипините и САД ќе ја провоцираат Кина за сувереноста над Јужното Кинеско Море

Филипинското Министерство за надворешни работи денеска потврди дека САД предложиле, а Филипините прифатиле, военни и трговски бродови на двете држави да пловат во деловите на Јужното Кинеско Море, кои Кина ги смета за своја суверена територија.

Според министерството, ако ова се оствари, тоа ќе биде проверка за тоа колку Кина ги почитува меѓународното поморско право и интересите на државите кои сметаат дека имаат право на сувереност над делови од морето.

Првата најава за можната провокација на Морнариците на САД и Филипините беше објавена минатата недела, кога Вашингтон изјави дека нема да се воздржува ако и Манила прифати нивните бродови да пловат на растојание помало од 12 милји во областа на архипелагот Спратли.

Во овој донеодамна ненаселен дел од морето, Кина изгради военни и цивилни населби и аеродромска писта доволно долга за слетување на сите видови воздухоплови. Со дозвола на Кина, неколку компании веќе поставија и платформи за црпење нафта од морското дно.

Филипините и Виетнам за спорот за сувереност над Јужното Кинеско Море ја тужеа Кина пред Меѓународниот суд во Хаг. Овој процес пред Трибуналот се одвива мошне бавно, а Кина однапред соопшти дека нема да ги почитува одлуките на тој суд. Пекинг инсистира споровите да се решаваат билатерално и со евентуално посредување на државите од југоисточна Азија, членки на АСЕАН.

Покрај Филипините и Виетнам, право на сувереност на делови од Јужното Кинеско Море бараат и Малезија, Брунеи и Тајван. Спорното море е најфреквентниот морски пат во светот, низ кој минуаат две тертини од стоката во меѓународната трговија.

Морето е и многу богато со риба, а неговото дно крие големи резерви на руди, нафта и гас.