Филипче: Правиме стратегија за развој на здравствениот систем во земјава
Разработуваме повеќе модели за да ги решиме проблемите со недостиг на специјалисти, ментори и да набавиме опрема за болниците и здравствените установи во земјава, меѓу кои е и прилепската болница. До крајов на месецот здравствените установи да соопштат што им недостига за да се подготви стратегискиот план во здравствениот сектор, изјави министерот за здравство Венко Филипче во Прилеп.
Тој денеска ја посети прилепската градска болница „Борка Талески“ каде се запозна со состојбите и потребите во болницата на која и недостасуваат барем 20 до 30 специјалисти во сите одделенија, како и опрема.
- Во прилепската болница со години работат врвни експерти кои даваат солидна здравствена заштита и сакаме тој тренд да продолжи. Квалиетот на здравствените услуги да го надградиме со набавка на нова опрема, прием на нови лекари и специјализации. Во моментов се соочуваме со сериозен недостиг на кадар секаде во земјава, а недостасуваат и ментори за одредени специјалности. Потребни се гинеколози, педијатри, посебно анестезиолози. Затоа разработуваме повеќе модели: како да ги задржиме менторите за да ги едуцираат нашите кадри, рече министерот Филипче.
Затоа, додаде, директорите на клините во Скопје со директорите на општите болници и на здравствените домови имаат задача до крајот на овој месец да дадат стратегија за развој на својата струка, а врз основа на тоа ќе биде дефинирана здрвствената стратегија во целата држава.
- Тоа значи на секоја клиника, во секоја болница и здравствен дом точно ќе се знае со колкав број специјалисти располагаме, на која возраст се, каква опрема има за соодвентна специјалност, какво е знаењето на докторите и каква проекција ќе направиме за понатаму. Така ќе ја формираме регионализацијата, за да не се доведуваме во ваква ситуација да недостигаат доктори по одредни специјалности. Ќе обезбедуваме стратегиски пристап. Процесот не може брзо да оди, потребно е време да се создадат специјализанти и да се обучат, па и да стекнат искуство, но акутно го решаваме проблемот со размена на специјалисти таму каде што недостасуваат, изјави Филипче.
Од почетокот на годинава досега во земјава биле вработени 2.200 лица медицински персонал, а со промената на програмата за специјализација, треба да се решава и проблемот со недостиг од специјалисти. Покрај набавка на опрема, здравствените објекти, посебно прилепскиот треба да се направи енергетски ефикасен за што ќе се бараат средства од европски институции.
- На минатата седница на Владата помина измената на програмата за специјализации и сега прилепската болница ќе добие потребни специјализации врз основа на проценката од која специјалност недостасуваат кадрите. Преку разработка на проекти кои ќе ги финансираат меѓународни институции, правиме процена што треба инфраструктурно да се подобри. На гинеколошко-акушерското одделение и неонатолошкото во приелпската болница им е потребно реновирање, објектот треба целосно да се реновира за да стане енергетски ефикасен и болницата да биде европска и модерна преку замената на фасадата и на дограмата, изјави Филипче.
Според министерот за здравство, со членството во ЕУ нашата земја ќе фати чекор со развиените земји, ќе имаме пристап до европските здравствени услуги каде сега се плаќа, а кога ќе бидеме членка, тие услуги ќе бидат бесплатни.
- Станува збор за услуги кои се итни, за време на престој во некоја од членките на ЕУ, конкретно во случаи на итна повреда, на студиски престој, туристички кои нашите граѓани сега ги плаќаат. Тоа нема да биде случај кога ќе фатиме чекор со европските земји. Во случај кога граѓани од другите земји се кај нас и користат поевтини услуги, е во сферата на медицинскиот туризам. Тој пак ќе се развива кога ќе станеме членка на ЕУ, рече Филипче.
Драган Богоески, директор на прилепската градска болница „Борка Талески“ вели дека имаат потреба од барем 70 вработувања, а со Министерството преговараат за нова опрема.
- Недостасуваат кадри речиси во сите одделенија, поточно ни недостасуваат 20 до 30 специјалисти. Имаме барање за вработување на вкупно 70 медицински персонал. Имаме недостиг на опрема иако доста опрема како донација добивме од Шведска. Во преговори со министерот сме за набавка на нов дигитален рентген апарат, а недостасува и апаратура за магнетна резонанца. Во тек е процедура за набавка на опрема за физикална терапија, рече Богоески.
Прилепската болница „Борка Талески“ нуди здравствени услуги на околу 100.000 жители од регионот.
Ново на Сител
-
НАТО стравува од нови сериозни саботажи и кибер-напади
-
МВР се вклучува во камањата „Помисли двапати“
-
Денеска се празнува Воведение на Пресвета Богородица
-
Седница на Уставен суд
-
ОН бараат 47 милијарди долари за помош во 2025 година
-
Сијарто апелира на меѓународна акција против прогонот на христијаните на Блиски Исток
-
Рускиот амбасадор во ОН ја обвини Украина дека им помага на сириските бунтовници
-
Променливо облачно време со услови за слаб локален дожд